Темелко уште 30 дена во притвор

Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 му го продолжи притворот на Едмонд Темелко за уште 30 дена.
Градоначалникот на Пустец, единствена општина во Албанија водена од Македонец, е осомничен во случајот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година. Тој беше уапсен на 26 септември во ресторан во близина на Владата во Скопје поради непочитување на судската одлука за ненапуштање на државата, преминувајќи ја македонско-албанската граница со пасош на Албанија.
Дипломираниот земјоделски техничар на возраст од 45 години е еден од основачите и претседател на македонската организација „Преспа“ во Албанија и ја извршува градоначалничката функција во Пустец од 2007 година.