„Повикувам секој од нас да има вистинита, искрена и силна љубов кон Македонија, за сè што е поврзано со неа, заради нејзината иднина, заради доживување на сонот ‘Македонија не исчезна’ на нашите сегашни и идни генерации.“ – вели академик Љупчо Коцарев, претседател на Македонската академија на науки и уметности, во својата колумна со наслов „Македонија не исчезна“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Коцарев пишува: „За Македонија, поврзано со актуелните случувања во неа, соодветствува дека: (1) ‘Македонија нема да исчезне’, што се однесува на минатото и го означува времето пред потпишувањето на Преспанската спогодба,
(2) ‘Македонија навистина не исчезнува’, што се однесува на сегашноста и го означува време кога се спроведува не само Преспанската спогодба, туку се очекува да бидат потпишани и применети и други договори, кои, најверојатно, набрзо ќе се случат, и (3) ‘Македонија не исчезна’, што се однесува на иднината и го означува времето по имплементацијата на сите спогодби, договори.
„Во врска со македонскиот идентитет Владата и провладините апологети упорно тврдат дека Преспанската спогодбата ‘не го оспорува националниот идентитет’, па така пред Спогодбата ‘за целиот свет сме биле ФИРОМ, а денес сме Македонци од Република Северна Македонија, кои зборуваат македонски јазик’. Но, пред Преспанската спогодба, за осумдесет проценти од жителите на планетата Земја, вклучувајќи ги десетте најмногубројни држави во светот и трите суперсили Кина, Русија и САД, бевме Македонци од Република Македонија, а не Македонци од ФИРОМ.“
„Не е целосно точно и дека ‘денес сме Македонци од Република с.Македонија’. Тоа тврдење е точно само за Македонците во Македонија. Според ООН, термините ‘Македонија’ и сите нејзини изведенки, што е предвидено со Преспанската спогодба, во меѓународната употреба се резервирани само за Грција. Па така, денес, за сите сме северномакедонци, а не Македонци. Затоа, не треба да се чудиме ако во странските медиуми прочитаме дека ‘на маргините на состанокот… нашиот министер оствари средба со северномакедонскиот министер’…“
„Во сите официјални документи и обраќања другите држави се обврзани Македонците да ги ословуваат како северномакедонци или граѓани на Северна Македонија, но не ‘Македонци од Северна Македонија’, што за други етникуми не важи, па така, термините ‘Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци… од Северна Македонија’ не се забранети. Пред Преспанската спогодба повеќе од 130 држави (или околу пет милијарди жители на планетата Земја) нам ни се обраќаа со ‘Македонци од Република Македонија’, но денес тој број е нула.“
„Македонија стана стварност без потекло во стварноста. Веќе преобразената Македонија стана нова реалност: поделено и раздвоено општество, општество на разнебитени Македонци, општество на разединети различности, општество во кое за сите други држави Македонците се северномакедонци. На Македонија не ѝ е потребна ЕУ по секоја цена, туку стабилно општество со европски вредности. Треба да започнеме со градење просперитетна Македонија.“
„Политичарите треба засекогаш да ги прифатат научните факти за просторниот (вклучувајќи ја територијата на и надвор од денешна Македонија) и временскиот (милениумскиот) континуитет на македонскиот народ и да ги отфрлат политиките, кои создаваат поделби. Политичарите треба да престанат да го замајуваат народот, да не манипулираат со него. Како последица на досегашните политики кон клучните национални прашања веќе од поодамна сме општество без иднина и просперитет.“ нагласува академик Коцарев во својата колумна.
Интернет-врска до целата колумна:
https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/makedonija-ne-ischezna/





