По Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд, и Европската комисија излезе со намалена прогноза за растот на бруто домашниот производ (БДП) на Македонија, ревидирајќи го неговиот очекуван раст на 3 проценти од прогнозираните 3,9 отсто во ноември.
Извршниот орган на Европската унија очекува сличен раст и следната година од 3,1 отсто, се вели во нејзината пролетна економска прогноза за годинава.
„Се очекува економското закрепнување на Северна Македонија да загуби одреден моментум во 2022 година, како одраз на влошувањето на надворешното опкружување, но и на послабата домашна побарувачка поради зголемените домашни инфлациски притисоци и повнимателните инвестиции во поглед на зголемената меѓународна несигурност и можните прекини во синџирот на снабдување“, соопшти Комисијата.
Приватната потрошувачка се предвидува да се зголеми за 2,9 проценти во 2022 година, откако минатата година се зголеми за 5 отсто. Јавната потрошувачка треба да се зголеми за 1,4 отсто во 2022 година, откако порасна за 4,1 отсто во 2021 година, се вели во извештајот.
Се очекува инфлацијата да достигне 6,7 проценти во 2022 година, забрзувајќи од 3,2 отсто во 2021 година, пред да забави на 3,9 отсто во 2023 година.
Се очекува генералниот владин дефицит да се зголеми на 4,1 проценти од БДП во 2022 година од 3,5 отсто во 2021 година, соопшти Комисијата.






