ОМО „Илинден“ – ПИРИН: Бугарија е непријател на Македонија, тоа е ново само за слепците што ја водат

„ОМО Илинден – Пирин се огласи со став за последната изјава на бугарскиот претседател Румен Радев, дадена по средбата со германскиот државен врв во Берлин, во која кажа дека не смее да се дозволи легитимација на македонизмот, зашто во Европската унија нема место за идеологии на поранешна Југославија.“ – пишува весникот „Нова Македонија“, пренесувајќи ја реакцијата на ОМО Илинден Пирин под редакциски наслов „ОМО Илинден Пирин за ‘македонизмот’ на Радев: Тој сака да ја заштити политиката на Тодор Живков, правото да ги дискриминира и да ги бугаризира Македонците“.

ОМО „Илинден“ – Пирин“ реагира: “Последната изјава на Радев против ‘македонизмот’, не е негова, туку на длабоката држава во Бугарија. ‘Македонизмот’ не е идологија и не е дело ниту на Коминтерна, ниту на Југославија, туку е име, кое во Бугарија го користат за да го означат македонскиот идентитет, македонското самоопределување, самото тврдење дека Македонците се посебна нација со свои македонски атрибути.“

„Бугарија се бори против македонската нација. Изјавата на Радев значи дека во Европа нема место за македонскиот идентитет, Бугарија нема да го дозволи тоа. Една исклучително злобна и фашизоидна изјава, најнепријателската која може да биде направена. Таа изјава се повторува како рефрен веќе повеќе од 12 години на највисоко државно во Бугарија : ‘Македонија во Европа – да; македонизмот – не’. Тоа е истата политика, зацртана од Тодор Живков, политика на редефинирање на македонската нација и држава на пробугарска основа, која е официјална и владејачка во Бугарија од 1963 година досега.“

„Бугарија, држава која испрати стотици Македонци на смрт и во логори, стотици со години во затвори, илјадници во прогонство, илјадници ги репресираше по други начини, само затоа што се Македонци, која ги дискриминира Македонците на своја територија дури и денес во рамките на Европската унија, ги крши правата на македонското малцинство и одбива да ги исполни пресудите на Судот за човекови права, држава во која Македонците се постојан објект на исмејување и понижување, на говор на омраза третиран како патриотизам.“

„Радев не е заинтересиран да ја штити демократијата и правото, туку сака да ја заштити политиката на Тодор Живков, правото да ги дискриминира и бугаризира Македонците.
Јасно е дека Бугарија се самоопредели како непријател на Македонија. Ништо ново за нас Македонците во Бугарија. Ново е тоа за една голема група слепци, кои се обидуваат низ годините слепо да ја водат Македонија.“

Но не треба да забораваме и кои беа оние ‘македонски’ премиери, кои ја доведоа Македонија во ваква ситуација. Оние кои извршија предавство, потпишувајќи договори за ‘пријателство’ со држава, која има официјална непријателска позиција против Македонија, без да ги заштитат македонските интереси и да го постават прашањето за македонското малцинство, без да побараат Бугарија да се откаже од својата непријателска политика и така ѝ дозволија да влезе во Европа за да може сега да ја наметнува својата антимакедонска политика како услов за еврочленство на Македонија.“

„Како е можно Македонија не само да не ни помага нам, туку да им помага на оние кои се наши непријатели?“ – прашува ОМО Илинден – Пирин.