Шведски дипломати ќе ја убедуваат Турција да не става вето за проширувањето на НАТО

Шведска ќе испрати дипломати во Турција во обид да ги омекне приговорите на Анкара за пристап на Шведска во НАТО, рече министерот за одбрана Петер Хултквист.



Официјалната одлука за поднесување апликација за членство во НАТО се очекува подоцна денеска.

Владејачките социјалдемократи вчера се откажаа од 73 години противењето за влез на земјата во НАТО. Тие изразија желба брзо да се приклучат на НАТО, напуштајќи ја децениската неутралност откако Русија ја нападна Украина.

Соседна Финска вчера потврди дека официјално ќе поднесе барање за членство во НАТО.

Но, Турција ги изненади своите сојузници во НАТО велејќи дека не гледа позитивно на барањата на Финска и Шведска, а претседателот Тајип Реџеп Ердоган рече дека „скандинавските земји се рај за терористичките организации“.

Турција соопшти дека сака скандинавските земји да престанат да ги поддржуваат курдските милитантни групи присутни на нивната територија и да ја укинат забраната за продажба на одредени оружја на Турција.

НАТО и САД велат дека се убедени дека Турција нема да го запре членството на Финска и Шведска.

Секоја одлука за проширување на НАТО бара одобрение од сите 30 членки на алијансата и нивните парламенти, но дипломатите рекоа дека Ердоган ќе биде под притисок да попушти бидејќи Финска и Шведска во голема мера ќе го зајакнат НАТО во Балтичкото Море.

„Уверен сум дека ќе можеме да одговориме на загриженоста изразена од Турција на начин што нема да го одложи членството“, изјави во неделата генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Шведскиот парламент денеска ќе расправа за членството во НАТО, а одлуката треба да биде само формалност бидејќи големо мнозинство пратеници го поддржуваат членството во НАТО.

Владата ќе донесе официјална одлука за апликацијата подоцна во текот на денот, рече Хултквист.