„Ќе има ли барем политичка одговорност за однесувањето на јавните функционери од ДУИ, кои ги користат сите привилегии на државата, а од друга страна најфлагрантно газат по нејзиниот углед, не ги почитуваат Уставот и законите и ги навредуваат граѓаните што ги претставуваат? Колку партијата на Али Ахмети работи на реформите, што се во интерес на граѓаните и дали воопшто може да се однесува конструктивно и да ги спроведува препораките на Европската Комисија? ДУИ досега спроведува своја партиска агенда на дрзок и безобразен начин, најмалку европски.“ – вели Сашо Танески во својата анализа со наслов „Навредите, омаловажувањата и уривањето на достоинството не се одлика на интегративност“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
„Европа бара конструктивност, Демократската унија за интеграција (ДУИ) пројавува деконструктивност“
Таневски пишува: „Европската комисија (ЕК) неодамна повика на ‘конструктивност во македонското собрание и, воопшто, на македонската политичка сцена. Но веќе истиот ден првиот човек на Собранието Талат Џафери ја минира пораката за конструктивност . Тој употребуваше пцости и вулгарни зборови кон собраниските службеници, прикажувајќи недолично и крајно примитивно ниво на однесување на политичар од толку висок ранг. Во крајно навредливо светло кон сопствената држава се покажа и министерот за економија Крешник Бектеши, кој за време на официјалната посета на Албанија изјави дека не бил македонски министер и посетата ја започна без македонското државно знаме?!“
„Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски смета дека функционерите на ДУИ се далеку од некакви европски манири и конструктивност на која ги повикува ЕК. ‘ДУИ во моментот се однесува така, затоа што тие немаат никаква политичка казна за нивното несоодветно однесување. Шкодране Дарлишта сè уште е во управниот одбор на „Телеком“. Штом таа сè уште е таму, значи дека тоа е проблем. Таа повика на војна, а не доби казна. Артан Груби изјави дека Кичево било воен плен од 2001 година, ниту тој не доби казна. Пораката е дека што и да направи ДУИ, нема да добие никаква казна.’ – вели Боцевски.“
„Анализирајќи го низ европска политичка призма несоодветното однесувањето и на Џафери и на министерот Бектеши, Боцевски истакнува дека разликата е во тоа што европската конструктивност се покажува со одговорност кога е направено нешто несоодветно. ‘Европските практики говорат дека во вакви случаи најмалку некој што треба да направи е да поднесе оставка. Европските политичари дури и за помали скандали се повлекуваат од политиката, понекогаш и на неколку години.’ – појаснува Боцевски.“
„Според него, ако Македонија сака да биде дел од Европа, не смее да дозволи неевропското однесување на интегративците и натаму да биде толерирано. ‘ДУИ праќа порака дека што и да се случи, тие си ги чуваат ‘своите’. Тоа не смее да функционира така, ако тежнееме да бидеме дел од таа Европа, која бара од нас конструктивност и реформи:’ – истакнува Боцевски.“
Извор





