Кремљ реагираше денеска на изјавата на полскиот премиер Матеуш Моравјецки кој повика да се иоскорени руската „монструозна идеологија“, пренесе Ројтерс.



„Ова е суштината на таа омраза кон Русите, која за жал, како метастаза, го зарази целото полско раководство и, на многу начини, полското општество“, изјави на брифингот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Моравјецки, во колумна за британскиот весник Телеграф во вторникот, рече дека рускиот претседател Владимир Путин е поопасен дури од Адолф Хитлер или од Јосип Сталин поради напредното оружје со кое располага.

Претходно, во средата Русија побара формално извинување од Полска и се закани со можни контра-мерки за протестот на кој врз амбасадорот на Москва во Варшава беше фрлена црвена боја.

Амбасадорот, Сергеј Андреев, беше нападнат од луѓе кои протестираа против руската интервенција во Украина додека тој отиде да положи цвеќе на советските воени гробишта во Варшава во понеделникот, што наиде на бурна реакција од Москва.

Односите меѓу Полска, членка на НАТО, и Русија, се поодамна затегната, а дополнително се влошија откако Москва испрати војници во Украина.

Варшава постојано бара построги западни санкции против Москва и протера 45 руски дипломати, што предизвика одговор од Москва.