„Поминаа стоте дена на новиот премиер Димитар Ковачевски на чело на Владата, но неговиот најголем успех се уште е тајна, што ниту самиот тој не ја не ја знае. Како наследник на ‘губитникот’, поранешниот премиер Заев, Ковачевски се уште не успеал да го дефинира својот успех во овој период на владеење со државата. Успесите на Ковачевски се невидениот револт од сите синдикати, коруптивните случаи на владини и полициски службеници, штрајковите во образованието, огромните поскапувања, економската и енергетската криза, влошувањето на односите со Бугарија и зголемениот евроскептицизам во земјата.“ – вели информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата редакциска анализа со наслов „Најголемиот успех на Владата на Ковачевски останува тајна“.
„Журнал“ пишува: „Инвестициите и зголемувањето на платите се доказ дека политиките на Владата се добри и ефективни.’ – рече Ковачевски. За какви инвестиции зборува премиерот? с.Македонија забележа најголем пад на странски инвестиции во регионот за време на пандемијата во 2020 година, според податоците објавени од Конференцијата на Обединетите Нации за трговија и развој. Странските инвестиции во регионот во 2020 година се намалени за 14 отсто во однос на 2019 година, а во с.Македонија падот е речиси три пати поголем. Што се однесува до инвестициите во животната средина, најголема и најсоодветна инвестиција ќе требаше да биде прво да се исчисти животната средина од оние многу депонии кои се наоѓаат низ државата, додека зеленилото на Владата на Ковачевски граѓаните можат го да го видат само ако стават ‘очила со зелени стакла’.“
„Што се однесува до ефектите на оваа Влада, ако се засновуваме врз приоритетот на Ковачевски како мандатар и реалноста како премиер, никаде нема успеси, туку само неуспеси. Како мандатар за формирање влада Ковачевски истакна дека главни приоритети се: договорот со Бугарија, зголемувањето на минималната плата, зголемувањето на пензиите, инвестициите во животната средина, како и справувањето со економската и енергетската криза.“
„Што се однесува до договорот со Бугарија, се наближува јунскиот самит. Договорот меѓу с.Македонија и Бугарија беше блиску, но во последните моменти од Скопје и Софија беа уапсени лица во институции, кои работеа на влошување на односите и против постигнување на можен договор меѓу двете држави. Претседателот Радев неодамна ги обвини македонските политичари дека градат идентитет врз фалсификувани основи. Главниот приоритет на Ковачевски пропаѓа, бидејќи постигнувањето таков договор се отежнува.“
„Зголемувањето на минималната плата предизвика незадоволство кај сите синдикати во земјава: за првпат истовремено голем број работници од сите сектори протестираа и штрајкуваа, барајќи усогласување на другите плати со минималната плата. Значи, покрај тоа што зголемувањето не е доволно, за да се задоволат потребите на граѓаните, тоа предизвика и блокада на функционирањето во државата. Зголемувањето на пензиите од 900 денари Владата смета дека е историско, но пензионерите велат дека, со оглед на поскапувањето на секој прехранбен производ, за 900 денари, не може да се купи ни вреќа брашно.“
„Справувањето со економската и енергетската криза за Ковачевски е најтешката битка, што ја изгуби од самиот почеток. Така се продлабочи уште повеќе оваа повеќекратна криза, со што јавниот долг достигна до 60 отсто од бруто домашниот производ. Минималните трошоци за четиричлено семејство во март годинава достигнаа 36.768 денари, според Сојузот на синдикати на Македонија, кој секој месец ја пресметува минималната синдикална кошничка. Минималните месечни трошоци за семејство се недостапни за оној вработен, кој зема минимална плата, тој не може ниту половина од таа кошничка да наполни.“
„Според овие податоци, животот во с.Македонија за младите се претвора во егзистенцијална војна, или во преживување, за разлика од европските земји каде што животниот стандард е речиси ист, дури и за многу производи се вели дека во европските земји се поевтини отколку кај нас, но суштинската разлика постои во платите што се добиваат таму и што се добиваат овде.“
„Значи, успесите на Ковачевски се карактеризираат со невиден револт од сите синдикати, со коруптивни случаи на владини и полициски службеници, штрајкови во образованието, со огромни поскапувања, економска и енергетска криза, со влошување на односите со Бугарија и зголемен евроскептицизам во земјата.“ – заклучува „Журнал“ во својата анализа.





