Таневски: „Зошто македонскиот блок и дозволува на ДУИ да диригира со државата, спротивно на нејзините интереси?“

„Антагонизмот во македонскиот политички блок постои 30 години, што доведе до тоа за крупните политички прашања кои се од национален интерес да нема политички консензус. ДУИ веќе 20 години го користи тој политички антагонизам и дословно како диригент диригира со сите процеси во државата, додека другите коалициски партнери во Владата се само кореографија во една голема претстава.“ – вели Сашо Таневски во својот коментар со наслов „Оставината на кавгаџиите“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Таневски пишува: „Ниту премиерот има ингеренции над целата влада, ниту може да се состави влада во земјава без претходно да се подготви платформа во Тирана, ниту може да се организира попис, ако не биде според замислите на ‘интегративците’. За сè одлучува ДУИ. Разно-разни упади и диверзии од оваа партија на штета на македонските национални интереси има цел куп. Доволно е само да се посочи и нелегалното подигање споменик на борците на УЧК во Слупчане, настан што предизвика длабоки поделби и реакции на негодување во општеството.“

„Од тие причини, крајно време е македонските партии да помислат зошто воопшто дозволуваат некоја партија да го држи во заложништво македонскиот народ, но и целата држава. Плановите на ДУИ се често спротивни на државните интереси. Таквото диригирање и мајоризација на една помала партија врз целото македонско општество создава огромно незадоволство кај македонските граѓани од сите етнички групи, па затоа е и таа огромна бројка на иселувања од земјава.“

„Можеби тука треба да се бара причината зошто некој упорно инсистираше во пописот да биде вклучена и дијаспората, да може едно лице да ги кажува матичните броеви и на тие што не се присутни, да мора крајните бројки да ги потпише заменик-директорот на статистика, нормално назначен од ДУИ, само за да не се види колку навистина побегнале од државата поради нивните погубни политики.

„ДУИ конечно треба да сфатат дека не можат да ги држат во заложништво целата држава и нејзиниот народ, небаре ако тие не владеат, ќе следува потоп. Па дури и кога владеат, треба да не ја злоупотребуваат позицијата и со 15 пратеника да ја опструираат и уценуваат целата држава.“ – нагласува Таневски во својата анализа, покрај другото.



Извор:

https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/nas-stav/ostavinata-na-kavgadjiite/