„Скопско ехо“: Во Собранието е се понаелектризирано – можни се поголеми инциденти, ако продолжи така“

„Состојбата во Парламентот станува се понаелектризирана. Ако продолжи така уште неколку дена – можни се поголеми инциденти. По тоа тешко и долготрајно ќе се нормализира состојбата во највисокиот законодавен дом – односно во целото општество“ – предупредува весникот „Скопско ехо“ во својот редакциски коментар со наслов „Може ли Џафери да го врати Парламентот во помирни води?“



„Скопско ехо“ пишува: „Кавги, закани, пцуења, блокирање на говорницата, расправии со собранискиот претседател… сето тоа изминативе три дена е ‘опкружувањето’, во кое што се ‘работи’ во македонскиот Парламент. Водат ли сметка пратениците како се одразува сето тоа во општеството? Што прави претседателот на Собранието Талат Џафери да се смират работите?“

„На првото прашање нема конкретен одговор. На второто прашање не треба да се чека одговор: се појавија снимки со пцости, кои токму претседателот Џафери ги упати кон вработените во собраниските служби. Ги ‘строеше’ како војничиња. Тука се и скоро секојдневните негови расправии со шефот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски…“

„Парламентот мора да се врати во помирни води. Може ли тоа да го направи кормиларот Џафери?“

„Пратениците од двете страни треба да се свесни дека сите нивни конфликти и расправии веднаш се пренесуваат и меѓу граѓаните. Со тоа и онака длабоките поделби во македонското општество ќе стануваат уште подлабоки. Дали како општество тоа ни е потребно во овој период на притисоци од надвор, на криза, на штрајкови…?“

„Парламентарното мнозинство е на потег. Кај нив е поголемата одговорност. Цело време не учат нас, граѓаните, дека се се решавало со преговори, разговори… Е, ајде нека разговараат со опозицијата. Нека се учат на дијалог и прифаќање туѓо мислење, се во интерес на Македонија. Нека не оставаат Џафери сам да ги решава работите, оти засега тешко му оди.“ – нагласува „Скопско ехо“ во заклучниот дел на својот редакциски коментар.