Менкиноски: „Хашките предмети’ мора да се обноват – некој ќе одговара за секој геноцид врз Македонците од порано“

„Иако навидум ‘правно покриени’ и амнестирани, ‘Хашките случаи’ претставуваат товар за македонското општество, поради фактот што никој нема преземено одговорност за воените злосторства, кои не застаруваат. Прашањето што постојано лебди во воздухот е: дали и кога македонскиот правосуден систем (ќе) има капацитет судски да ги расчисти сите сомневања за воените злосторства, што никогаш не застаруваат? Судските процеси против водачите на косовската ОВК, дваесетина години по инкриминираните настани, доволно говорат за правната незастареност во барањето одговорност за злосторствата против човештвото и геноцидот.“ – вели Јасминка Павловска во својата анализа со наслов
„Ќе стигне ли правдата и во Македонија за сторените воени злосторства?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

„Кој да активира судски процес во Македонија за злосторствата, што не застаруваат?“

Павловска пишува: „Судењето на поранешните косовски борци на ОВК, кои во периодот од две децении од наведените злосторства во обвинението беа и на (нај)високи државни функции во Косово, секогаш неодминливо ја активира паралелата за потребата од активирање судска постапка во Македонија за четирите т.н. ‘Хашки случаи’, за злосторствата против човештвото, сторени во 2001 година, од ‘филијалата’ на косовската ОВК во Македонија – ОНА. Станува збор за четири судски предмети, кои во 2008 година беа вратени од Хашкиот трибунал во Македонија, за да бидат процесирани во домашното правосудство.“

„Делата што беа (се) предмет на судскиот интерес се однесуваат на: тринаесеттемина киднапирани Македонци од страна на ОНА, затворањето на вентилите од Липковско Езеро и водата за кумановци, малтретирањето на градежните работници од ГП ‘Маврово’ и за делата на командна одговорност на раководството на ОНА. Сите (зло)дела се сторени за време на конфликтот во Македонија во 2001 година и имаат тежина на злосторства против човештвото и никогаш не застаруваат.’

„Сепак, овие случаи беа затворени без судски процес, преку Законот за амнестија, кој беше донесен на 8 март 2002 година. Со него се ослободија од гонење, се запреа кривичните постапки и целосно се ослободија од затворска казна лицата за кои постоеше сомневање дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот во 2001 година. Дополнително, откога предметите од Хаг неколку години подоцна беа вратени во Македонија, во 2011 година, со т.н. автентично толкување на законот, се обезбеди и амнестија за одговорните осомничени за воено злосторство.“

„Правдата треба да биде над политичката моќ“

„Адвокатот Тони Менкиноски е категоричен дека овие предмети за воени злосторства во 2001 година еден ден мора да се обноват. ‘Воените злосторства, како и геноцидот, според стандардите на меѓународното право никогаш не застаруваат и не можат да бидат заборавени и простени со никаков Закон за амнестија. Обвинителството треба да го активира судското преиспитување на т.н. ‘Хашки случаи’ од 2001 година, врз основа на меѓународните стандарди за незастарување на воените злосторства и геноцидот. Еден ден овие предмети мора да се обноват. За секој геноцид вршен врз Македонците во изминатите години и децении – некој ќе одговара.’– вели адвокатот Менкиноски.“



Интернет-врска до целата анализа:

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/kje-stigne-li-pravdata-i-vo-makedonija-za-storenite-voeni-zlostorstva/