„Журнал“: СДСМ и ДУИ се плашат од предвремени избори – на локалните доживеаја историски загуби и развластување“

„Напоредно со блокадата на Парламентот ВМРО ДПМНЕ бара одржување предвремени избори. Партиите на власт СДСМ и ДУИ се категорично против. Ако СДСМ и ДУИ ја имаат довербата на народот, тогаш не треба да се плашат од тестирањето на таа доверба. Но, длабокиот пораз на локалните избори ним им предизвика ‘алергија’ од изборите.“ – вели информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во редакцискиот коментар со наслов „Зошто СДСМ и ДУИ се плашат од предвремените избори?“

„Журнал“ пишува: „Неодамнешните локални избори во земјава не беа само локални, бидејќи предизвикаа големи промени на политичката сцена. На владејачките партии им беше одземена моќта и тие претрпеа историски загуби. СДСМ изгуби толку општини, што и ‘револуционерниот лидер’ Заев мораше и самиот тој да се изгуби од сцената. ДУИ претрпе историски загуби во Тетово, кај што и е партиското седиште во Тетово, додека Гостивар беше изгубен уште од претходните избори. Затоа, најголемата албанска партија во земјава и со најдолг стаж на власт не успеа да победи во општините најнаселени со Албанци.“



„Дека ДУИ не се подготвени за избори потврдува и ‘чадот’, кој излегува и натаму од ‘Огнената група’ (струја на влијателни внатрешно-партиски незадоволници), која води жестока битка внатре во партијата, прогласувајќи го Артан Груби како непожелна личност. ДУИ се соочува со повеќекратни кризи надвор од неа како партија, но и внатре во неа. Тие кризи не и одат во прилог на ДУИ, за да настапи на избори.“

„За потребата за одржување предвремени парламентарни избори сведочат и резултатите од анкетата на Институтот за политички истражувања од Скопје за ставовите на граѓаните околу нивната поддршка на политичките партии и политичарите. На прашањето дали Владата предводена од СДСМ треба да остане на власт до крајот на својот мандат во 2024 година, или се потребни предвремени парламентарни избори, 39,1 отсто се изјасниле за предвремени избори, 32,5 отсто сметаат дека треба да остане на власт, додека 28,4 одговориле со ‘не знам’.“

„Владејачките партии силно се спротивставуваат на барањето на опозициските партии да излезат на предвремени избори, велејќи дека сега не е време за тоа. Но, дали овие партии се плашат да одат на предвремени избори? Тие сметаат дека се избрани со волјата на народот, оти имаат добиено доверба и дека ја одржуваат и натаму во своето владеење. Но, во моментов кога се расправа за тестирање на таа доверба партиите на власт го одбиваат таквото тестирање, затоа што се плашат, или поради тоа што не ја имаат довербата во целосната смисла на зборот.СДСМ веројатно има посилна причина да стравува од изборите, бидејќи доживеа дебакл на последните локални избори минатата година.“

„Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Христијан Мицковски, наследникот на Груевски, силно се врати на политичката сцена. На локалните избори на 31 октомври 2021 година таа освои најмалку половина од 80 општини во земјата, додека владејачката партија СДСМ освои помалку од 20 општини. Резултатот претставува голема пресвртница на политичката сцена во с.Македонија, бидејќи пред четири години социјалдемократите освоија 57 општини, а ВМРО-ДПМНЕ само пет.“

„Од ВМРО велат дека имаат повеќе градоначалници и повеќе пратеници и оти затоа треба да се цени волјата на народот. Одењето на предвремени избори не е поволно ниту за ДУИ, оти на последните локални избори го загубија нивното упориште-Општина Тетово. Тетово и Гостивар, градовите најнаселени со Албанци, се наоѓаат под раководство на албанската опозиција. Ова влијае ДУИ да се воздржи и да се огради од предвремените избори, бидејќи не е подготвена да се натпреварува.“

„Но, за ДУИ не завршува тука: тие се уште не си ги расчистиле сметките внатре во партијата. ‘Огнената група’ е активна и натаму и се одвива жестока битка меѓу неа и Артан Груби. Внатрепартиските проблеми во ДУИ и загубата на Тетово на локалните избори се главните причини зошто оваа партија не сака предвремени парламентарни избори.“ – заклучува „Журнал“ во својот коментар.