„Најновиот предлог на францускиот претседател Емануел Макрон за формирање европска политичка заедница (ЕПЗ), во која по ‘скратена постапка’ би влегле повеќе демократски европски држави и географски би се обединила Европа, ја разбранува политичката јавност. Предлогот веднаш беше поздравен и поддржан од Германија. Но, всушност, што ќе значи европската политичка заедница од глобална и од домашна перспектива? Какви се позицијата и перспективата на Македонија во целиот тој пакет? Зошто Бугарија веднаш се спротивстави на оваа идеја? Какви беа предвидувањата на ЦИА и ‘Стратфор’ за иднината на Европа?“ – прашува Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Ќе добие ли Европската Унија ‘помала сестра’ наречена Европска политичка заедница?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
„Франција и Германија со нова идеја во однос на проширувањето на ЕУ“
Таневски пишува: „Говорот на францускиот претседател Емануел Макрон во Европскиот парламент и изјавата дека тој се залага за формирање европска политичка заедница (ЕПЗ), која на некој начин би била замена за членството во Европската Унија, наметнаа многу дилеми кај македонската јавност, која се прашува: дали ова е почеток на редефинирањето на самата Унија во однос на жешкото прашање за проширувањето? Макрон тргнува во реализација на планот за формирање паралелна европска политичка заедница, еден вид пандан на ЕУ, со која Брисел индиректно ќе управува и ќе ги користи нејзините ресурси, додека земјите од европската политичка заедница нема да ја оптоваруваат Унијата со своите проблеми. Конечно ќе биде затворен и проблемот со проширувањето.
Макрон под европска политичка заедница подразбира Унија во која би се зачлениле земји како Украина, Молдавија, Грузија, но не е исклучено во неа да се најдат и Србија, Црна Гора, БиХ, Косово, Албанија и Македонија. Пристапот би бил по пониски критериуми за разлика од оние што се потребни за членство во ЕУ.
Домашните аналитичари се внимателни околу оваа идеја на Макрон, бидејќи е нејасно каква ќе биде таа заедница, според кои критериуми ќе се влегува и дали е замена за членството во ЕУ? Или е приспособување во европското предворје на подолг временски рок пред официјалното членство.
„Според директорот на Институтот за демократија Марко Трошановски, проектот на Макрон најверојатно би ги опфаќал земјите како Украина, Молдавија и Грузија, а не би се однесувал на земјите што преговараат и се кандидати за членство. ‘Германскиот канцелар потврди дека Западниот Балкан треба да биде целосно интегриран во ЕУ. Имајќи предвид дека Франција не е единствениот мотор во Унијата, туку и Германија се прашува за реформите на ЕУ, можно е сценариото ние да останеме во процес на интеграција до полноправно членство, а не во овој втор круг на интеграции што го предлага Макрон. Германија нема да дозволи Македонија да остане надвор од тој клуб на земји што би станале членки на Унијата.’ – вели Трошановски.“
„Бугарија е дел од групата членки што се против измени на Договорот за ЕУ.“ – нагласува Таневски, покрај другото.“
Интернет-врска до целата анализа:
https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/kje-dobie-li-eu-pomala-sestra-narechena-epz/





