Хајредини: Со парите од ММФ ќе се враќаат старите кредити, ќе се гаси пожарот за да не дојде до колапс

„Поскапеното задолжување преку еврообврзница ја менува стратегијата на македонската Влада, која објави дека ќе го финансира буџетот преку Меѓународниот монетарен фонд. Како ќе се потрошат овие пари: дали за исплаќање стари долгови, или за помош на граѓаните и на стопанството?“ – вели Катерина Михајлова во својата анализа со наслов „На што ќе се трошат парите од Меѓународниот монетарен фонд – ММФ? “, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Михајлова пишува: „Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини истакна дека парите, што се бараат од Меѓународниот монетарен фонд, се со конкретна намена. ‘Овие пари се за платниот промет, затоа што сме во тешка ситуација. За ‘гаснење пожар’, за обезбедување ликвидност и тие одат на државната сметка за платниот биланс преку Народната банка. Овие средства се користат за плаќање достасани обврски, за враќање кредити, да не дојде до колапс и неликвидност, не за развој. Тоа не се средства, што решаваат долгорочни проблеми, туку треба да обезбедат ликвидност, ако стигнат одредени обврски, а имате проблем со пари.’ – објаснува Хајредини.“



„Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, смета дека одлуката на Владата да се задолжува од ММФ наместо да издаде еврообврзница е добра, со оглед на каматните стапки. ‘Добро е што Владата се задолжува надвор, а не дома, за да останат доволно пари во банките за финансирање на компаниите. Позајмувањето од ММФ ќе овозможи одредена контрола на трошењето на парите и на буџетската политика на Владата. Тоа може да биде корисно, затоа што политичарите немаат храброст да преземат болни реформи. ММФ ќе се искористи како оправдување зошто таквите мерки се неопходни.’ – укажува Димитров.“

„Тој вели дека просторот за зголемување на долгот се стеснува и затоа Владата ќе мора да им помага само на најризичните групи граѓани и на оние со најниски примања, а во стопанството само на оние компании каде што зголемените цени на енергентите имаат големо негативно влијание врз работењето на компаниите. ‘Владата мора да најде нови критериуми за субвенционирање, за разлика од периодот на корона-кризата кога главен критериум беше падот на приходите.’ – додаде Димитров.“

„Универзитетскиот професор и академик Абдулменаф Беџети истакна дека позајмувањето од Меѓународниот монетарен фонд е алтернатива, што е поевтина во споредба со позајмувањето на приватните пазари и на тој начин би се намалил трошокот по основа на камати. ‘Барањата од меѓународните и мултилатералните извори за финансирање, преку ЕУ (за макроекономска рамка и стабилизација), преку ММФ, ЕБРД, Светската банка, се најмалку трипати поевтини извори од тие на меѓународниот пазар на капитал (кои сигурно би биле со вкупна камата и провизија до 4 отсто), а претходно наведените извори би биле со околу 1 отсто.’ – објаснува Беџети.“