Чепреганов: Политичарите да ги користат документите за македонската посебност

„Нападите врз македонизмот се континуиран процес, кој трае подолго од еден век, но последниве години се чини како овој процес да влегува во финална фаза, кога различни сили однадвор сакаат да им го зададат конечниот удар на Македонците и на нашата држава. Од тие причини, нејасно е зошто македонската дипломатија не ги користи историските документи што јасно ја оцртуваат македонската посебност, дозволувајќи им на соседите да ја изопачуваат историјата, иако токму нивни научни дејци преку своите трудови пред повеќе години и самите потврдиле дека постои посебен македонски народ, со свој јазик и култура“ – вели Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Илјадници документи го потврдуваат засебниот македонски идентитет“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

„Неопходно е да се користат научните факти, за да не се паѓа на провокациите“

Таневски пишува: „Илјадници пишани документи, записи, книги низ европските архиви експлицитно ја потврдуваат посебноста на македонскиот народ и неговиот јазик, но надлежните воопшто не ги користат овие научно потврдени факти, за да се спротивстават на постојаните напади врз идентитетот и јазикот. Документи со податоци на македонската самобитност има илјадници, голем дел изработен од врвни странски научни дејци, патеписци, фолклористи и голем број ентузијасти, кои работеле необременети од нечии влијанија, туку само врз основа на она што го покажуваат податоците на терен. Тие податоци го покажувале постоењето на посебен македонски народ со сите свои карактеристики, јазик, култура, фолклор, преданија.“

„Бела книга’ како еден вид учебник за македонската дипломатија“

„Документи и податоци може да се пронајдат и низ разни архиви во Австрија, Унгарија, Германија, Турција, Русија, како и во многу други земји, па затоа е исклучително важно овие податоци да се искористат на вистински начин и конечно македонската страна да почне да возвраќа на провокациите, што доаѓаат од некои страни. Но за таа цел веќе претходно државата требаше да има стратегија за архивирање голем дел од овие документи, записи, трудови, сето тоа собрано во една ‘бела книга’, која би претставувала еден вид учебник за македонската дипломатија.“

„Пред да стапи на функција секој дипломат да мора да се запознае со документите во таа ‘бела книга’, вклучувајќи и со истражувањата на домашните институции, за да може потоа да биде сериозно подготвен и да се справи успешно со сите отворени предизвици во надворешната политика. Со други зборови, секогаш да има аргумент повеќе во полемиката со оние што го оспоруваат македонизмот. Грчката и бугарската дипломатија имаат ангажирано цели научни тимови, што работат на ширење на нивната пропаганда на повеќе полиња, доведувајќи ја Македонија во ситуација да мора да преговара за сопствениот идентитет, јазик, историја и култура, што е незамисливо за ниту една земја.“

„Историчарот Тодор Чепреганов истакнува дека е неразбирливо, кога низ архивите на цела Европа постојат документи за македонската посебност, изработени од странски научни работници, да треба одново да го докажуваме својот идентитет. Според него, политичарите во Македонија не се доволно подготвени, за да можат да се спротивстават.“

„Бугарите се пример како политиката ја користи науката. Бугарската држава секаде каде што треба да се зборува за македонското прашање ги става на позиција врвните историчари. Грците формираа тим од стотина луѓе, најдобрите познавачи на историјата, фолклорот, културата и затоа успеаја да го постигнат договорот со нас. Научните работници располагаат со сите факти и документи, но не ги користат.’ – заклучува Чепреганов.“



Интернет-врска до целата анализа:

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/iljadnici-dokumenti-go-potvrduvaat-zasebniot-makedonski-identitet/