Министерката за надворешни работи на Бугарија Теодора Генчовска денеска уште еднаш ја „префрли топката“ во дворот на Скопје кога е во прашање спорот што го наметна Бугарија и која го блокира пристапот на Македонија кон ЕУ.



На средба со министерот за европски и меѓународни работи на Австрија Александар Шаленберг, во Софија,Генчовска рече дека сите знаат дека „Бугарија направи значителни напори за промовирање на позитивна клима во билатералните односи со Република Северна Македонија, вклучително и преку иницирање формати за засилен развој на секторски политики. Ќе продолжиме да работиме на градење на вистински добрососедски односи со Република Северна Македонија“ рече министерката и кажа пто е потребно да направи македонската страна:

„Од Скопје очекуваме конкретни акции и гаранции за трајно и неповратно спроведување на Договорот од 2017 година, како и гарантирање на правата на граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска самосвест“, изјави таа за медиумите.

Од своја страна, австрискиот министер за европски и меѓународни прашања Александар Шаленберг рече дека неговата позиција е многу јасна и дека Австрија би сакала разговорите со Албанија и северна Македонија да започнат во јуни, пренесе БГНЕС.

„Секако, свесни сме дека има многу чувствителни точки и прашања во билатералните односи кои треба да се разјаснат“, рече Шаленберг.