„Скопско ехо“: „Ковачевски не прифаќал уцени од Мицкоски, а што прави со другите уцени и закани – од ДУИ, Бугарите…?“

„Не прифаќам уцени, заканите од лидерот на опозицијата се како од некој лош акционен филм, лидерска средба само за распишување на предвремени парламентарни избори нема да има…‘ – вака деновиве одговараше актуелниот премиер Димитар Ковачевски на најавите од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека од утре ќе ја почнат активната блокада на Собранието, ако не ја прифати лидерската средба, на која ќе се договорат за предвремени избори.“ – вели весникот „Скопско ехо“ во својот редакциски коментар со наслов „Ковачевски не прифаќал уцени од Мицкоски, а што прави со другите уцени и закани?“

„Скопско ехо“ пишува: „Премиерот, значи, категорично го отфрли барањето на Мицкоски, што за него претставува уцена и закана, која ќе и нанесела лошо на државата и на граѓаните во овој кризен период. Ковачевски покажува цврст став и принцип. Дали е таков и при други барања, кои, исто така, може да се стават во графата ултиматуми и уцени?“

„Политичарите, посебно најодговорните, се често во ситуација да решаваат за ултимативните барања на опонентите, на партнерите, на другите земји… Во една таква, постојана состојба е и Ковачевски. Проблемот со бугарското вето за почеток на македонска евроинтеграција во својата основа има сериозни уцени.“

„Има ли разни барања – уцени од ДУИ, со кои ја прави Владата? Во различни периоди од функционирањето на Владата се случуваат ли предизвици, на кои Ковачевски треба да е исто дециден дека не прифаќа уцени?“

„Добро би било премиерот секогаш да е непоколеблив кога ќе забележи дека го уценуваат. Е, сега друго е прашањето дали за него сите уцени се уцени.“ – нагласува „Скопско ехо“ во заклучокот на својот коментар.