Украинскиот претседател Володимир Зеленски е убеден дека неговата земја ќе ја добие војната со Русија и нема да отстапи ниту еден дел од својата територија, пренесуваат медиуми.
Тој ја даде изјавата денеска, 9 мај, Денот на победата над нацистичка Германија за време на Втората светска војна.
„На Денот на победата над нацизмот се бориме за нова победа. Патот до него е тежок, но не се сомневаме дека ќе победиме“, вели Зеленски во писмената изјава.
Заленски истакна дека Украинците се слободен народ кој многупати во историјата се борел да ја заштити својата земја и имал свој „сопствен пат“.
„Денес водиме војна на овој пат и никому нема да дадеме парче од нашата земја… и никому нема да дадеме дел од нашата историја“, рече тој.
„Горди сме на нашите предци кои заедно со другите нации од антихитлеровската коалиција го победија нацизмот. И нема да дозволиме никој да ја анектира оваа победа, нема да дозволиме да биде присвоена“, порача Зеленски.
„Не постојат окови за да го заклучат нашиот слободен дух. Нема окупатор што ќе ни фати корен во нашата слободна земја. Нема окупатор кој ќе владее со нашиот слободен народ. Порано или подоцна ние победуваме“, порача тој.







