Што ќе се случи на 9-ти мај!?

Москва се подготвува за 9 мај, еден од најважните празници во рускиот календар, додека руските сили ја продолжуваат операцијата во Украина, а во меѓувреме се интензивираат шпекулациите што ќе каже и кој ќе биде следниот потег на претседателот Владимир Путин.



Путин можеби се надеваше дека ќе ја искористи годишнината на советската победа над нацистичка Германија во 1945 година, за гордо да објави победа над Украина.

Меѓутоа, бидејќи операцијата не оди според планот, тој допрва треба да ја постигне својата неодамна наведена цел да го окупира барем регионот Донбас, пишува дописникот на Би-Би-Си од Москва Џени Хил.

„Сите очекуваат нешто да се случи на 9 мај – и непријателите на Путин и неговите поддржувачи. И токму овие очекувања создадоа вакуум што треба да се пополни сега. Ако тоа не се случи, Путин ќе изгуби политички“, вели политички експерт, Абас Гаљамов.

Кремљ соопшти дека информацијата дека рускиот претседател може да и објави војна на Украина – па дури и на Западот – во понеделник и да мобилизира резервисти, па дури и цивили за да ги пополнат редовите на неговата исцрпена и донекаде деморализирана армија, се целосна глупост.

Сепак, многу експерти мислат дека Путин, во најмала рака, ќе ги претстави сите територијални придобивки во источна Украина во понеделник како победа вредна за славење. Иако тоа веројатно нема да значи крај на војната.

Гаљамов за Би-Би-Си предвидува дека рускиот претседател ќе ѝ постави ултиматум на Украина – или да дојде на преговарачка маса или да се бори и да се соочи со заканата од тактичко нуклеарно оружје.