Филкоски: „Мина времето на ефтина струја – треба градба на нови енергетски објекти и подобро одржување на постојните“

„На Балканот и на Македонија им претстои тешка зима во енергетскиот сектор, поради состојбите во кои се наоѓаме, како и поради конфликтот меѓу Русија и Украина и мерките против Русија предложени од Европската комисија, кои вклучуваат стопирање на руската нафта. Македонската влада крои мерки за ублажување на енергетскиот удар. Но, колку можеме да очекуваме намалување на ударот: Дали Македонија има доволно количества на енергија за претстојната зима? Со какви цени?“ – вели Катерина Михајлова во својата анализа со наслов „Нѐ чека неизвесна и тешка зима“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

„Енергетската криза допрва ќе се почувствува“

Михајлова пишува: „Професорот на Институтот за термичко и енергетско инженерство при Машинскиот факултет Ристо Филкоски потврдува дека сигурно нѐ очекува тешка зима. ‘Прашање е што може да се стори краткорочно, за да се направи колку-толку поподнослива состојбата. Владата може да ги намали многубројните непродуктивни трошоци и да преземе одредени краткорочни мерки за ублажување на состојбата, за да им се помогне на стопанството и на граѓаните. Важно е мерките да бидат осмислени.’ – вели Филкоски.“

„Според него, планирањето мора да биде долгорочно, со стратегиски пристап, без импровизации, бидејќи тие не носат резултати. ‘Повеќегодишното недоволно инвестирање за одржување на енергетските објекти и неинвестирање за изградба на нови доаѓа на наплата. Тоа се пројавува преку намалено домашно производство на струја.’ – истакнува професорот.“

„Во однос на снабдувањето со природен гас, како што вели тој, Македонија нема краткорочни алтернативи. За да профункционира терминалот во Александрополис и да се направи гасоводно поврзување со него, потребни се време и пари. Цената на таквиот (втечнет) гас ќе биде повисока. ‘Во моментов важно е одговорните во Македонија да не го одбиваат предложениот начин од руската страна за плаќање, туку да се следат интересите на земјата, нејзините граѓани и на стопанството. Немаме други алтернативи освен гасот што пристигнува од Русија преку Бугарија. Цената за гасот ќе биде повисока и ќе зависи од курсот на рубљата одреден во Москва.’– смета Филкоски.“

„Како што додава тој, неколку земји од ЕУ веќе ги разгледуваат опциите за извршување на плаќањето на ‘Газпром експорт’, за да не биде запрен рускиот гас, но и да не се прекршуваат санкциите на ЕУ. Според одредени толкувања, санкциите на ЕУ не важат за приватни компании и голем број компании се подготвени да купуваат руски гас во рубли.“

„Околу повторното снабдување со евтина енергија во иднина Филкоски вели дека времето на таквата енергија е минато. ‘Ќе треба да се навикнеме дека сметките за енергија ќе ни бидат повисоки. Во цените на производите и услугите ќе мора да се вградат поголеми трошоци за енергија.“ – појаснува Филкоски. Според него, треба подобро одржување на основните објекти за произведување електрична енергија и изградба на нови термоенергетски и хидроенергетски објекти: ‘Домашните енергетски објекти треба да се одржуваат, а не да се избрзува со нивно затворање.’.“



Интернет-врска до целата анализа:

https://www.novamakedonija.com.mk/ekonomija/n%d1%90-cheka-neizvesna-i-teshka-zima/