Шведска и Финска се очекува да донесат одлука за тоа дали ќе аплицираат за влез во НАТО овој месец.
Но и во двете земји се загрижени дека по одлуката да аплицираат во НАТО би биле ранливи на руските закани за време на процесот на аплицирање, кој може да потрае и до една година за да биде одобрен од сите 30 членки на НАТО, јавува Ројтерс
„Убедени сме дека ќе успееме да најдеме начини да се отфрлат сите стравови, што поединци од овие земји може да ги имаат за периодот меѓу поднесувањето на барање за членство и официјалното приклучување во Алијансата, изјави портпаролката на Белата куќа Џен Псаки.
Псаки додаде дека „разговорите продолжуваат“.
„Се разбира дека ние силно ја поддржуваме политиката на отворени врати на НАТО и правото на секоја земја, сама, да одлучи каква ќе биде нејзината надворешна политика, како и за мерките за безбедност. И Шведска и Финска се блиски и ценети партнери на САД во областа на одбраната“, истакна портпаролката на Белата куќа.
Шефицата на шведската дипломатија Ен Линде по состанокот со американскиот државен секретар Ентони Блинкен во средата изјави дека добила безбедносни гаранции, но не даде никакви детали.






