И Чешка и Бугарија, по Унгарија и Словачка против ембаргото на руска нафта

Премиерот на Чешка, Петр Фиала, најави дека привремено ќе побара ослободување од европското ембарго за увоз на руска нафта.



„Подготвени сме да ја поддржиме оваа одлука (за санкциите што вклучуваат нафта), но Чешка да го добие потребното одложување за да ги зголеми капацитетите со кои нафтата може да се испорачува во Чешка“, рече Фиала.

„Се обидуваме да добиеме одложување за две или три години“, додаде тој.

Исклучоци од санкциите на ЕУ претходно побараа Словачка и Унгарија.

Претходно Европската комисија презентира предлог за нови санкции против Русија, кои вклучуваат забрана за увоз на сурова нафта од Русија во рок од шест месеци и нафтени деривати до крајот на оваа година.

Словачка, која ја снабдува речиси целата своја сурова нафта од Русија преку нафтоводот „Дружба“ уште од советската ера, сака тригодишен преоден период. Унгарија најави дека не ги поддржува санкциите во предложената форма.

Вчера и Бугарија побара ослободување од ембаргото за увоз на руска нафта.