„Во изјава за весникот на албански јазик ‘Лајм’ координаторката на пратеничката група на Алијансата за Албанците Илире Даути остави простор да се сфати дека нејзината партија не ја поддржува иницијативата на ВМРО ДПМНЕ за блокирање на Собранието на Македонија.“ – објави „Лајм“.
„Лајм“ ја цитира изјавата на Илире Даути: „Право е на секој политички субјект да ја гради стратегијата на своето дејствување. Во оваа насока постапи сигурно и претседателот на ВМРО ДПМНЕ, како што има право Алијансата за Албанците да ја гради и својата стратегија на дејствување. Така и ние денес дојдовме во Парламентот, за да ставиме во парламентарна процедура два предлог-закона.“
„Лајм“ извести и за ставот на втората албанска опозициска партија Беса во врска со најавата на Христијан Мицковски и на ВМРО ДПМНЕ: „Беса најавува опозициска блокада на Собранието, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека ќе ја блокира работата на Собранието преку амандмани за одржување предвремени парламентарни избори. Од Беса велат дека ќе се искористат сите можни механизми за колку е можно поскорешно одржување на предвремените парламентарни избори.“
„Ставот на Беса е многу јасен и го повторуваме веќе неколку месеци. Спорен е легитимитетот на власта, бидејќи парламентарното мнозинство е направено преку уценети пратеници и политички партии, кои преку ноќ од владини критичари станаа дел од Владата. Овој состав на Владата го отсликува лошото раководење со сите институции. Затоа е многу важно час поскоро да се одржат парламентарните избори, да им се врати легитимитетот на граѓаните и тие да одлучат кој да ги застапува’ – изјави Елмедин Мемиши, портпарол на Беса.“
„ВМРО-ДПМНЕ се очекува вечерва да одлучи за пристапот кон активна блокада на Собранието, заради постигнување дијалог и предвремени избори. Денеска преку соопштение СДСМ порача дека нема да дозволи каква било можна блокада на Собранието за лични интереси на која било политичка личност.“ – јави „Лајм“.





