НМ: Со спомениците од војните се гради етноапартхејд, кој „другите“ ги претставува како непријатели

„Откривањето на споменикот во Слупчане посветен на борците на ОНА ја следи практиката од поранешна СФР Југославија, при која секој народ им подига обележја на сопствените жртви во војните на преминот меѓу 20-от и 21-от век, со што повторно се отвораат меѓуетнички поделби и се создааат тензии.“ – се вели во статијата со наслов „Споменикот во Слупчане ја следи практиката на ‘наши’ жртви од поранешна Југославија“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Во статијата на „Нова Македонија“ пишува: „При вчерашното откривање на обележјето во Слупчане лидерот на ДУИ Али Aхмети рече дека ‘овој споменик не нѐ дели, туку нѐ обединува’, порачувајќи оти ОНА е составен дел од историјата на Македонија, без која не би можел да се постигне Охридскиот мировен договор. Но, откривањето на споменикот беше проследено со незадоволство меѓу Македонците, судејќи според коментарите на општествените мрежи. Имаше и бројни политички реакции, меѓу кои најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ го прозва премиерот Димитар Ковачевски.“

„Каде е Ковачевски да го искоментира столбот во Липково на ДУИ? Во Битола бугарско здружение за ликот на Михајлов, во Липково 20-метарски столб на УЧК. Има ли оваа држава премиер и институции? Зошто Липково нема квалитетна патна мрежа, а има столб од бетон висок 20 метри? Зошто Липково нема квалитетна струјна мрежа, а има споменик? Дали споменикот ќе ги врати иселените од Липково?’ – се наведува, меѓу другото, во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.“

Претседателот на политичката партија „Достоинство” и директор на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов преку фејсбук апелираше да не се крева меѓуетничка напнатост. ‘Спомен-кулата на УЧК во Липково треба да биде пример за македонскиот државен и политички врв како треба да се чествуваат македонските бранители од 2001-та. Ние, македонските бранители од 2001-та, имаме достоинствен и репрезентативен споменик во строгиот центар на Скопје. Останува на овој споменик на бранителите од 2001-та да се поклонат и претставници на највисокиот македонски државен и политички врв. Им честитам на наследниците на УЧК – ДУИ за почитта, која ја покажуваат кон загинатите од нивните редови. Тие нека си ги чествуваат нивните, ние да си ги чествуваме нашите загинати, а сите заедно да дадеме сѐ од себе во Македонија никогаш повеќе да не ни се повтори војна.’ – напиша Ангелов на неговиот фб-профил.

На подрачјето на поранешна СФРЈ спомениците вообичаено се посветени на мнозинското население, со тоа што жртвите се делат на ‘наши и нивни’, односно секој народ ги одбележува сопствените загуби. Во најновата публикација на здружението, „Култура на сеќавањето и стратегија на репрезентацијата на военото минато на 90-те во БиХ, Хрватска и Србија“, се истакнува дека со меморијалите не се гради само идентитет, туку и политичка идеологија, која во крајната позиција има етнички апартхејд – раздвојување на етничките групи едни од други, со што „другите“ би се претставиле како непријатели“.

Интернет-врска до целата статија:



https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/spomenikot-vo-slupchane-ja-sledi-praktikata-na-nashi-zhrtvi-od-poraneshna-jugoslavija/