Историчарот Тодор Чепреганов од Институтот за историја смета дека споменикот на ОНА кој викендов беше откриен во липковското село Слупчане е споменик кој прави поделби, почнувајќи од симболиката која ја има, па се до присутните коишто беа таму.
„Не е вистина пораката на лидерот на ДУИ дека споменикот обединува, вели Чепреганов за „Слободен печат“.
„Ако споменикот е за сите жртви од војната во 2001 година тогаш зошто на откривањето на споменикот не беа присутни семејства, роднини и пријатели на македонските бранители? Зошто немаше никој од државниот врв?
На откривањето беа присутни само блиски и пријатели на Албанци кои загинаа во 2001 година, како и политичкиот врв на ДУИ.
Самата симболика на споменикот јасно кажува кому е посветен тој. Јас им честитам на Албанците бидејќи со ова покажуваат чувство на нација и на држава. Прашањето е што направивме ние“ – вели Чепреганов.
Тој е дециден дека спомен кулата во Слупчане е споменик на поделба.
„Ахмети треба да одговори на повеќе прашања. Тој вели споменикот обединува, се боревме за татковината. За која татковина? Многу прашања отвора споменикот во Слупчане. Сите централни институции се изземаат од каква било одговорност. Државните институции немаат врска со споменикот, тие не се ни консултирани за тој да се направи…“ вели Чепреганов.







