Патната исправа на Република Македонија го зазеде 84. место на т.н. пасошки индекс, рангирање што на годишна основа го прави финансиско-консултативната фирма „Артон капитал“.
Меѓу 199 држави опфатени со листата Македонија ја дели позицијата со Русија и со Кирибати, со чии пасоши исто така може да се патува без виза во 108 земји.
На врвот е Сингапур, чии државјани влегуваат без виза во 159 земји, втор е досегашниот лидер Германија со 158, а третото место го делат Шведска и Јужна Кореја со 157.
Од државите во регионот највреден е пасошот на Грција, со кој може да се патува без виза во 153 земји, следува Словенија (149), Хрватска (144), Бугарија (143), Романија (143), Србија (113), а зад Македонија се Црна Гора (105), Турција (104), Босна и Херцеговина (101), Албанија (96) и Косово (41).
На дното на листата е Авганистан, чии државјани можат да патуваат без виза само во 22 земји.





