Стотици цивили се уште остануваат блокирани во бункерите под фабриката за челик Азовстал во украинскиот град Мароупол. Фабриката е последното упориште против руската опсада. На 1 мај имаше операција за евакуација на цивили од овој разурнат град, кој се наоѓа на море.
Првата група на евакуирани, околу 100 украински цивили се однесени во југоисточниот град Запорожје, кој се наоѓа на 230 километри северозападно од Мариупол и се наоѓа во рацете на Украинците.
Но луѓето кои останаа во индустрискиот комплекс Азовстал во Мариупол немаат вода, храна и лекови, а руските сили ги држат под опсада.
„Тоа е вистинска хуманитарна катастрофа“, изјави потпретседателката на украинската влада, Ирина Верешчук.
Стратешката локација на Мариупол во близина на полуостровот Крим, кој Русија илегално го анектираше од Украина во 2014 година, го направи градот цел на немилосрдни руски бомбардирања. Во градот до пред војната имаше околу 400 илјади луѓе, а сега е град на урнатини. Се претпоставува дека во градот можеби се уште останале околу 100 илјади луѓе, меѓу нив и околу 2.000 украински борци кои се засолнати во индустрискиот комплекс Азовстал, единствениот дел од градот што не е окупиран од Русите.
Во меѓувреме Украина најави дека привремено ги затвора своите четири главни поморски пристаништа, откако ја загуби контролата над нив од руските сили.
Украинското Министерството за земјоделство на 2 мај соопшти дека пристаништата Бердјанск, Мариупол, Скадовск и Херсон ќе бидат затворени „додека Украина не ја врати контролата врз нив“.
„Оваа мерка е предизвикана од неможност за сервисирање на бродови и патници, товар, транспорт и други, економски, поврзани активности како би се обезбедило и соодветно ниво на безбедност на превозот и усогласеност со меѓународните договори“, соопшти Министерството.
Од Министерството велат дека Украина дефинитивно ќе продолжи со работа на овие пристаништа по победата над руските трупи.
Денешното соопштение е главно формална најава, бидејќи Русија ги блокираше или зазеде пристаништата откако ја започна својата неиспровоцирана инвазија на Украина на 24 февруари.
Претседателот на Украина Володимир Зеленски на 2 мај рече дека Украина би можела да загуби десетици милиони тони жито поради тоа што Русија ги контролира бродски патеки во Црното Море.
Организациите како што се Обединетите нации предупредија дека војната на Русија против Украина може да предизвика голема криза со храна која ќе влијае на Европа, Азија и Африка.





