Под паролата „Сѐ да застане за работникот да опстане“, илјадници работници денеска излегоа на првомајски марш во Скопје барајќи повисоки плати и почитување на работничките права. Веејќи ги синдикалните знамиња заедно со македонското, тие побараа слух од властите за состојбата во која се наоѓаат работниците.
„Платите да пораснат, младите да останат“, „Колективен договор за сите“, „Луксузот е на наш труд“ „Држава ви изградивме без плати не оставивте – градежници“, беа само дел од транспарентите со кои маршираа работниците.
Со протестот организиран од Сојузот на синдикати на Македонија се бара усогласување на останатите плати со порастот на минималната плата, но и линеарно зголемување од 2.806 денари на сите плати во државата, почнувајќи од општиот работник до претседателот на државата.





