Претседателот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) Павле Беловски по повод 1 Мај, изнесе загрижувачки податоци за состојбата на вработените во таканаречената „седма сила“.
„Ако во земјава постоеја 10 новинари, седуммина ќе земеа потпросечна плата, четворица немаа да имаат ниту постојано вработување, туку ќе работеа со договори на дело, а кога шансите да добиете закани додека си ја вршите работата се 1 : 3, значи дека имате ризично работно место, рече Беловски.
„Оној кој е социјално обесправен, оној кој е во подредена положба, оној кој е уценет со мизерна плата за опстанок – тој не е слободен! Токму на Меѓународниот ден на трудот сакаме да ја испратиме пораката: Само сплотени и солидаризирани во борбата, ние новинарите и медиумските работници можеме да се избориме за нашите работнички права и враќање на достоинството на новинарското перо.
Останете будни, гласни и непоколебливи. Колеги, правата не се празничен потсетник, туку битка која започна 1886-тата и продолжува.
Честит Први Мај!“, порачаа Беловски и новинарскиот синдикат.







