Станковиќ: „Има алтернатива за ЕУ – преобразбата на Македонија во современа држава зависи од самите нас“

„Не може постојано да повторуваме ‘Европска Унија!’, надевајќи се дека ќе создадеме така од Македонија современа држава. Време е да започнеме да размислуваме надвор од затворената унија, не за насочување кон Истокот. Преобразбата на Македонија зависи од самите нас.“ – вели Далибор Станковиќ во својот коментар со наслов „Има алтернатива за Европската Унија!“, кој го објави весникот „Нова Македонија“.

Станковиќ пишува: “Во изминатите триесет години, нашата политичка и општествена елита не успеа да размислува надвор од постојниот шаблон. Постојано слушаме ‘Европска Унија!’ ‘Европска Унија!’ и сѐ така до бесконечност. Што се случи кога дојде денот да ги започнеме преговорите со Брисел? Бугарија ни стави вето, бидејќи сме биле Македонци! Не се приспособуваме на новата ситуација, затоа постојано слушаме дека членството во ЕУ е наша стратегиска цел, дека е потребно да најдеме заедничко прифатливо решение со Софија, решение што ќе биде задоволително и за бугарската страна.“

„Конечно дојде времето кога треба да започнеме да размислуваме надвор од затворената унија. Не говорам за ново насочување кон Истокот, туку за нешто друго. Да претпоставиме дека Софија ќе го отстрани ветото и ќе ги започнеме преговорите со Европската Унија. Но, кога ќе влеземе во европскиот сојуз? Според постојните параметри, одговорот гласи – можеби за сто години. Некој може да ни дофрли дека сме евроскептици, меѓутоа тоа е реалноста.“

„Во медиумите можевме да слушнеме или да прочитаме дека како држава во некои поглавја сме биле пред Албанија и Србија. Можеби е точно тоа, но само на хартија. Македонија постојано се соочува со нефункционалност на администрацијата, корупција, клиентелизам, невладеење на правото и сѐ така до немајкаде. Прагматичниот пристап кон Софија можеби волшебно ќе ни овозможи да исчезне бугарското вето, но Македонија и понатаму ќе биде сиромашна и неразвиена држава. “

„Размислувањето надвор од затворената кутија вели дека се потребни реални суштински реформи, кои постепено ќе го подобруваат квалитет на живеење на македонските граѓани. Не може постојано да повторуваме ‘Европска Унија!’, ‘Европска Унија!’, надевајќи се дека ќе создадеме така од Македонија современа држава. Преобразбата на Македонија зависи од самите нас, но таа е условена од нашата приспособливост за нови ситуации и нови начини на размислување, а не од шаблонското размислување.“ – заклучува Станковиќ во својот коментар.



Интернет-врска до целиот коментар:

https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/ima-alternativa-za-evropskata-unija/