Последниот работен ден од месецов, прв откако штрајкот во градинките и училиштата е ставен во мирување, почна како и секој вообичен, нештрајкувачки. Но, со многу полупразни училници. Во училишните клупи ги нема сите ученици. Најмногу отсуства има од прво до петто одделение. Родителите велат дека веќе ги имаат оставено децата на чување кај бабите и дедовците, а одлуката за ставање во мирување на штрајкот дојде вчера доцна попладне, па за еден ден пред празник „не им се исплатува да го нарушат редот“ – пишува Нова Македонија.
За оние кои дојдоа денеска на училиште, настава има. Целосно нормализирање на наставата, сепак се очекува веќе од вторник, по првомајските празници.
Во меѓувреме Владата и СОНК имаат 20 дена преку медијатор да го решат проблемот со платите на вработените во училиштата и градинките, т.е. да се договорат за колку ќе пораснат. Ако тоа не успее, според најавите, повторно ќе се штрајкува.

Светлана Масларевска, директорката на основното училиште „Коле Неделковски“ во Скопје вели дека од утрово атмосферата меѓу наставниците и учениците е вообичаена, на која сите се навикнати.
– Со оглед на тоа дека одлуката за почеток на наставата беше соопштена вчера во попладневните часови, сепак сме задоволни од присуството на учениците. Од 690 ученици, денеска не се дојдени околу 100 деца, бројка која со оглед на состојбата е задоволителна. Наставниот кадар е компелетен и веќе ја продолжува наставата – вели таа.

Магдалена Петреска, директорката на скопското основно училиште „Лазо Ангеловски“ вели дека наставата тече во нормален тек.
Според неа, најголемо отсуство на ученици е забележано во пониските одделенија, односно од 1 до 3 одделение, зашто тие децата веќе биле оставени на чување кај баби и дедовци.
– Првата смена веќе ја реализира наставата, а од 13 часот ја очекуваме и втората смена со ученици. Најмногу до пет деца отсуствуваат по одделение. Бројка која е незначителна и е очекувана со оглед на тоа што информацијата од СОНК беше пласирана подоцна во текот на вчерашниот ден – заклучува Петреска.
Целиот текст на следниот линк:
https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/nastavata-pochna-najgolemo-otsustvo-na-uchenici-od-poniskite-oddelenija/





