„Сега треба да се отворат четири очи кога Бугарија нуди некакво одложување на ветото. Бугарија ова не го прави сама. Грција го започна, а Софија треба да го заврши процесот на затворање на македонското прашање на Балканот со бришење на македонскиот народ. Целата работа се одвива под превезот на наводните евроинтеграции, во кои за 20 години во ЕУ би влегла територија на граѓани со три коси црти, без националност, односно граѓани на некаква северна територија на која сите ќе полагаат право. Веќе е создаден новиот ‘северномакедонски’ идентитет, кој низ процесот на преговори со ЕУ сè повеќе ќе се одомаќинува тука, во согласност со новото име на државата.“ – вели Сашо Таневски во својот коментар со наслов „Да се биде или не, прашање е сега!“, кој го објави весникот „Нова Македонија“.
Таневски пишува: „Последниот период одново се придвижи политичко-дипломатската машинерија за создавање надежи дека на јунскиот самит Европската Унија конечно ќе донесе одлука за одредување датум за почеток на пристапните преговори со Македонија. Во таа машинерија пак профункционираа сите ‘рѓосани запчаници, почнувајќи од бугарскиот премиер Петков и неговите најави дека е можно Бугарија во јуни да го одложи ветото и да овозможи старт на преговорите, преку ‘крајно разочараниот’ еврокомесар за проширување Вархеји и неговото очекување ‘сега да ја биде работата’.“
„Петков предложи тие да го одложат ветото во јуни и да покажат кооперативност, но за возврат Македонија да се согласи отворените прашања со Бугарија да ги решава понатаму во текот на преговорите со ЕУ, односно пред секое отворање на преговарачко поглавје да виси некое постојано бугарско вето, ако ги одбиеме нивните барања. Нивната намера е јасна и и објаснета во негирачката и штетна по Македонија декларација усвоена во бугарското Собрание.“
„Според логиката на Петков, тоа значи дека Македонија во текот на еден долгорочен процес од 10 или 20 години преговарање со ЕУ ќе мора да ги спроведе сите заклучоци од бугарската декларација, со други зборови пред самиот влез во Унијата целосно да се демакедонизира, а во меѓувреме да остави доволно простор за бугаризација преку инсистирањето за внесување на Бугарите во македонскиот Устав пред почетокот на преговорите. Ова е јасно како ден и нема потреба да се бараат никакви поинакви толкувања на целата оваа бугарска идеја, бидејќи истата лекција Македонија ја научи со прифаќањето на Преспанската спогодба.“
„Мора добро да се анализира која е цената што Македонија ќе ја плати, ако ги прифати бугарските уцени само за да одржи церемонијален настан, на кој би бил означен почетокот на преговорите, кои суштински ќе почнат дури две години потоа. Грешките тешко се исправаат, а штом еднаш нешто ќе се прифати, тоа може да има далекусежни последици за нацијата и државата и за нивната иднина. Преговори за идентитетот, јазикот, историјата воопшто не доаѓаат предвид и тоа треба јасно да ѝ се стави до знаење на Софија, но и на Брисел. Само така ќе го зачуваме уште она малку достоинство што ни остана.“ – нагласува Таневски во својот коментар, покрај другото.
Интернет-врска до целиот коментар:
https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/nas-stav/da-se-bide-ili-ne-prashanje-e-sega/





