Невидени притисоци и уцени за да се прекине штрајкот на матичарите

Раководството на Управата за водење матични книги, сака да ги стави со една нога в затвор дел од службениците затоа што, иако станува збор за службеници кои работат со договор на дело и кои немаат законско право да примаат документи и да ги гледаат личните податоци на странките, сепак се принудени да работат во екот на штрајкот под уцена дека нема да им биде продолжен договорот, тврди претседателот на синдикатот на матичарите, Тони Милошески за „Слободен печат“.



Тој додава дека деновиве има невидени притисоци врз вработените со договор на дело, на кои статусот не им е решен и по осум години – да се појават на работа и да не штрајкуваат за повисока плата, туку да бидат на шалтерите и да примаат предмети.

– Некои потпаѓаат на притисоците, но повеќето не, зашто знаат дека и онака и по осум години не им е решен статусот. Во некои градови на колегите им се закануваат со деградација на позицијата или дека ќе бидат префрлени на друго работно место. На пример, има колеги кои два пати или три пати неделно одат во друга месна канцеларија каде има недостиг на матичари, за да работат таму, за граѓаните да може да извадат документи и во Трново и во други рурални места. На тие што штрајкуваат, им се закануваат дека кога штрајкот ќе заврши, нема да бидат праќани во тие канцеларии и дека нема да го земат бонусот од 15 проценти на плата што се добива за тоа, изјави Милошески за „Слободен печат“.

Според него, најстрашно е што на тие државни службеници вработени со договор за дело, им се наложува да дојдат и да работат, да примаат предмети и странки, иако немаат законско право.

– Тие колеги немаат потпишано заклетва под кривична одговорност дека имаат право да добијат увид во личнните податоци на граѓаните. Тие по закон, не смеат воопшто да примаат странки, а денеска се на шалтер. Тоа е ставање со една нога во затвор, немаат депонирано потпис во суд. Не знам што ќе биде кога ќе влезе Ревизија, тоа подлежи на кривична одговорност. Некои од договорците им бараат на раководителите на писмено да им ја дадат таа дозвола, дека смеат да работат како што ги тераат. Но, на писмено не им даваат. Знаат дека не смеат, додава претседателот на Синдикатот при УВМК.

Целиот текст на следниот линк:

Матичари без право да гледаат лични податоци, притиснати да го задушат штрајкот во Матично