Радев за Делчев: Голем апостол на слободата на македонските Бугари

Најавувајќи „национална конференција“ за добрососедските односи со Македонија за 4 мај, кога навршуваат 119-години од загинувањето на Гоце Делчев (?), бугарскиот претседател Румен Радев го опиша апостолот на македонската револуционерна борба како „голем апостол на слободата на македонските Бугари“.



„На 4 мај ќе одбележиме 119 години од смртта на Гоце Делчев. Националната конференција во негова чест е израз на нашата длабока почит кон животот и делото на овој голем апостол на слободата на македонските Бугари. Добрососедските односи меѓу Бугарија и Република Северна Македонија ќе бидат стабилни и неповратни во време кога историската вистина ќе нè обединува“, објави Радев на Фејсбук.

Конференцијата, под патронат токму на Радев, носи наслов „Европската перспектива за добрососедските односи меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија“, а организатори се Институтот за историски истражувања при Бугарската академија на науките и Македонскиот научен институт од Софија.