„Поранешниот дипломат Даим Илјази и еден од истакнатите поранешни активисти на Партијата за демократски просперитет со објава на фејсбук го одбележуваат денот на основањето на првата и најголема партија на Албанците во Македонија на почетокот на плурализмот: Партијата за демократски просперитет ПДП, која имаше 26 пратеници во Парламентот и чиј прв претседател беше Невзат Халили. Партијата за демократски просперитет е основана во 1990 година и остана на власт во првите два мандата и во сеопфатната влада на политичко единство за време на конфликтот во 2001 година.“ – објави весникот на албански јазик „Лајм“.
На 3.јули 2021 година информативниот портал на албански јазик „Тетова сот“ ја објави колумната на Џелал Зејнели со наслов „Албанската кауза во Македонија – почетоците на едно политичко дејствување“, во која тој прецизира во кои насоки се реализирала политичката активност на ПДП: „Во 1991 година Партијата за демократски просперитет: не учествуваше на референдумот за прогласување независност на Македонија; го бојкотираше пописот; во Собранието не гласаше за Уставот, според кој Македонија беше дефинирана како унитарна, моноетничка и централистичка држава. ПДП во 1992 година го организираше ‘Референдумот за политичко-територијална автономија на Албанците во северозападниот дел на Македонија (за Република Илирида).“
Инаку, здобивањето статус на Албанците како „државотворен народ во Македонија“ „оживотворувањето на резултатите од референдумот за политичко-територијална автономија на Албанците во северозападниот дел на Македонија“ во 1992 година“, како дел од главните програмски определби на некогашната Партија за демократски просперитет, задржуваат континуитет во албанскиот политички блок и по изминативе 30 години.
Во својата информација со наслов „Албанците во Македонија бараат државотворен статус“ на 7.јануари Радио Слободна Европа на албански јазик објави: „Албанските партии во Македонија ДУИ, Беса и Алијансата за Албанците ја известија јавноста во врска со усвојувањето заедничка декларација, до која се дојде на консултативните средби во Тирана и Приштина, со највисоките државни лидери на Албанија и Косово.“
Оваа заедничка декларација е целосно на линијата на програмата на некогашната ПДП. Таа декларација и претходно споменатите определби на ПДП денес се наоѓаат пред извесна реализација, ако се остварат овие денови искажаните барања за отворање на Уставот и впишување на „албанскиот државотворен народ“. Со тоа Македонија набргу и конечно би се трансформирала од се уште барем формално унитарна држава во двонационална федерација, практично, со два кантона, од кои едниот албански. „Државотворноста на албанскиот народ“ сама по себе, согласно со меѓународното право, означува и право на отцепување од одредена државна територија.





