Јанев: Едностран раскин на договорите со Бугарија и Грција и членство во ОН како Република Македонија

„Македонија три години е блокирана од Бугарија во обидот да ги почне пристапните преговори со Европската Унија и покренувањето независна истрага под патронат на ОН може да потврди дека Софија прекршила повеќе аспекти на меѓународното право. Но, со потпишувањето на Договорот за соработка и добрососедство, Македонија сама си ги одзела правните алатки за ваква борба“ – вели Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Да не дозволиме Македонија да биде жртва на нефункционално меѓународно право“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

„Обединетите Нации (ОН) ќе истражуваат за прекршување на меѓународното право во Украина, а за Македонија?“

Таневски пишува: „Генералниот секретар на Обединетите Нации Антонио Гутереш истакна дека е потребна независна истрага, која би требало да покаже дали е прекршено меѓународното хуманитарно право во Украина. Тоа е потврда дека ОН бараат начини како да ја вратат улогата на чувар на меѓународното право, која ја загубија пред повеќе години, дозволувајќи им на помоќните држави произволно и самоволно да го толкуваат правото и преку правни преседани да ги остваруваат своите геостратегиски и други интереси.“

„Покренување независна истрага под патронат на ОН може да потврди дека Софија прекршила повеќе аспекти на меѓународното право, но…“

„Македонија веќе три години е блокирана од Бугарија во обидот да ги почне пристапните преговори со Европската Унија и покренувањето слична независна истрага под патронат на ОН може да потврди дека Софија прекршила повеќе аспекти на меѓународното право. Но, со потпишувањето на Договорот за соработка и добрососедство Македонија сама си ги одзела правните алатки за ваква борба. Токму на тоа укажува универзитетскиот професор по меѓународно право од Институтот за политички студии во Белград, Игор Јанев. ‘Не можеме да побараме од ОН независна истрага за прекршување на меѓународното право, слично на она што се најавува за Украина, бидејќи веќе потпишавме договор со Бугарија и сме се обврзале да го почитуваме и спроведуваме. Веќе имаме правни обврски што мора да ги почитуваме.’ – вели Јанев.“

„Тој цврсто опстојува на својот став дека единствено решение за Македонија е да ги раскине еднострано договорите со Бугарија и со Грција и тогаш од ОН да побара да го продолжи членството под името Република Македонија. ‘Ако ги раскинеме договорите, нема потреба да бараме покренување какви било истраги од страна на независни тела на ОН, бидејќи самите сме се вратиле на основите на меѓународното право и нема потреба ништо понатаму да се утврдува и истражува.’ – категоричен е професорот Јанев.“

„Бугарските барања се спротивни на сите прокламирани европски вредности, принципи и начела, дали и грчките беа такви?“

„Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски смета дека проблемот меѓу Македонија и Бугарија е политички и во таквите случаи правото е немоќно. ‘Бугарските барања се спротивни на сите прокламирани европски вредности, принципи и начела, но зарем не беа и грчките барања целосна антитеза на современата европска интеграција, па никој во Европа воопшто не се потресе. Прашањето на отпор кон овие неразумни барања е прашање на зрелост на нашето општество – истакнува Боцевски. Тој изразува надеж дека Македонија научила нешто од болното искуство со Преспа и оти навреме ќе биде спречено втурнување на земјата во нова национална катастрофа.“



Интернет-врска до целата анализа:

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/da-ne-dozvolime-makedonija-da-bide-zhrtva-na-nefunkcionalno-megjunarodno-pravo/