„Премиерот на Албанија Еди Рама зборуваше за можноста за избор на заеднички претседател на Албанија и Косово. На прашањето на новинарот на ‘АБЦ’ Рама одговори дека Хашим Тачи би бил одличен кандидат.“ – објавија информативниот портал „Шќип“ од Албанија и други медиуми на албански јазик.
„Шќип“ пишува: „Рама рече дека во моментов поранешниот претседател на Косово се наоѓа во Хаг каде што му се суди за воени злосторства. ‘Би го ставиле Тачи и тој би бил одличен. Ние би гласале за него со убеденост и со ќеф. Но, тој не е присутен во животот на граѓанската заедница како слободен граѓанин, бидејќи против него се води процес, за кој нема да зборувам овде.’ – кажа Рама.“
„Хашим Тачи заедно со некои поранешни борци на Ослободителната војска на Косово се притворени во Специјалниот суд во Хаг од 2020 година. Обвинението против Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи беше потврдено на 26 октомври 2020 година. Тие се обвинети за ‘воени злосторства извршени за време на неодамнешната војна во Косово“.
Инаку, информативниот портал „АБЦ Њуз“ од Албанија во својата анализа од 16.9.2021 година со наслов „Политикологот Хасимја: Идејата за заеднички претседател Косово-Албанија не е реален проект“ пишува: „На почетокот на својот мандат во 2014 година Рама се обиде да ја одбегне провокативната националистичка реторика. На првиот заеднички владин состанок Албанија-Косово во јануари 2014 година тој вложи напор да ја отстрани загриженоста на соседите поради идејата за Голема Албанија, наведувајќи дека Косово и Албанија имаат многу јасни граница. Но, во април 2015 година албанскиот премиер Рама и косовскиот премиер Хашим Тачи во една телевизиска расправа повторно ја отворија темата на националното обединување на Албанците.“
„Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров веднаш потоа при една своја посета на Белград ја спомена Велика Албанија како можен дестабилизаторски чинител. Според него, имаше не еден, туку повеќе сигнали за оживотворување на идејата за Велика Албанија, откако и претседателот на Собранието на Македонија Талат Џафери го постави албанското знаме во својот кабинет.“
„Но, дали Велика Албанија навистина била дел од целите на политиката на Албанија? Или и идејата на Рама за заеднички претседател? Ермал Хасимја, доктор по политички науки и универзитетски професор од Албанија, објаснува дека идејата за Велика Албанија не е проект на Албанците и оти политичките елити во Косово и Албанија не би биле подготвени да преземат ваква идеја за обединување на двете држави.“





