„Скопје нема основа ниту причина да ги прифати барањата на Софија за бугаризирање на Македонија и за угодување на некакви нејзини ‘национални интереси’ во македонската суверена држава“ – вели Јасминка Павловска во својот коментар со наслов „Политички беспомошниот Брисел ја замолува моќната Софија…“, кој го објави весникот „Нова Македонија“.
Павловска пишува: „Сепак и големите актери во игрите со моќ се свесни дека не можат целосно да го запостават меѓународното право, па барем кога е во нивни интерес се повикуваат на него. Основните принципи на кои е поставено меѓународното право се засноваат на рамноправност и еднаквост на сите учесници во светскиот поредок (ООН), со почитување на правото на сувереност, а пред сѐ правото на самоопределување. Тоа значи дека и големите и малите (играчи) држави ги имаат истите права.“
„Апелите за брзо наоѓање решение на наводно неразбирливиот (за ЕУ) проблем што го измисли Бугарија, преточен во услови за повлекување на ветото, сѐ повеќе наликуваат на притисок врз Македонија, во име на некакво заедничко манифестирање отпор против опасноста од руско влијание во регионот. Прагматичноста на меѓународната заедница, иако спротивна на принципите на меѓународното право, го насочува притисокот за постигнување на посакуваниот резултат обично кон послабата страна.“
„Македонија веќе покажа дека е подготвена да попушти на непринципиелен притисок во име на НАТО-сојузништвото и ЕУ-заедништвото. По прифаќањето на Преспанскиот договор со Грција, со сите спорни моменти поврзани со принципот на самоопределување и самоименување, Бугарија се ‘освести’ дека предноста од асиметријата на нејзиниот договор за добрососедство не е доволна за задоволување на сите нејзини анахрони национални апетити спрема Македонија.“
„Кога навидум се реши членството на Македонија во НАТО (со постојано нагласување на заслугата на референдумски неприфатениот Преспански договор), Бугарија еднострано си го надгради Договорот за добрососедство со декларација на нејзиното Собрание, поставувајќи и отворени национално асимилаторски услови за македонската страна за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Оттогаш, Македонија, но и ЕУ се во постојано искушение од Бугарија во смисла на почитување на принципите на меѓународното право, како и темелните вредности на Унијата.“
„Бугарија со инсистирањето на блокадата на македонските евроинтеграции сериозно ја загрозува безбедноста на регионот, особено во ситуација на реално постоен воен конфликт во речиси непосредна близина, со неизвесен ризик за негово прелевање. И покрај сите закани и опасности што можат да се активираат од безбедносен аспект во регионот и во Европа, ако се создаде амбиент за безнадежност на проширувањето на ЕУ, Бугарија нема намера да отстапи од идејата за вметнување на нејзината еднострана собраниска асимилаторска декларација во преговарачката рамка за Македонија.“
„ЕУ и остатокот од меѓународната заедница креваат раменици дека наводно немаат решение за бугарскиот инает и желба за бугаризирање на Македонија. Брисел навидум ја замолува Софија да постапи разумно и да не го блокира непотребно проширувањето, но по 13 препораки од Европската комисија за почеток на преговорите, 17 години со кандидатски статус за почеток на преговорите, вета од три земји-членки на ЕУ… Скопје нема основа да верува во… ‘искрените напори’… Уште помалку има причина да ги прифати непристојните барања на Софија за бугаризирање на Македонија и угодување на некакви нејзини ‘национални интереси’ во македонската суверена држава.
Интернет-врска до целиот коментар:





