„Скопско ехо“: „За купување општествен мир и плати Владата зема огромен кредит од ММФ, кој друг ќе го враќа“

„Македонија е презадолжена држава. Наместо тоа полека да се намалува, има официјални најави дека задолжувањето ќе се зголемува. За колку стотици милиони сега треба да се задолжат македонските граѓани? За 600, 900, милијарда евра…? Не е се тоа преголеми суми? За што ќе се трошат?“ – вели весникот „Скопско ехо“ во својот редакциски коментар со наслов „Лесно се владее со огромни задолжувања, што друг ќе ги враќа“.

„Скопско ехо“ пишува: „Претходно споменатите прашања се множат деновиве, но надлежните никако да дадат конкретен одговор. Извесно е само дека задолжувањето ќе се случи. Министерот за финансии Фатмир Бесими при неодамнешниот престој во Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) соопшти дека е добиена ‘препорака за пристап до ‘Линијата за претпазливост и ликвидност’ на ММФ и оти ‘тие средства ќе бидат за поддршка на стопанството и на граѓаните’.“

„Она што министерот, а ниту други владини претставници не го нагласија е тоа дека со ова значително ќе се зголеми надворешниот долг на земјата, кој од сегашните 60,8 проценти од бруто-домашниот производ може да достигне 63,5 отсто… Односно, од сегашните 7 милијарди и 135 милиони евра јавниот долг ќе надмине 8 милијарди евра. Тоа е веќе загрижувачки за граѓаните, кои треба да ги враќаат тие пари.“

„Загрижувачко ли е презадолжувањето за власта?“

„Причини за загриженост има многу, но знаејќи си ги овдешните политичари најмногу стравување има од прашањето: за што ќе бидат употребени овие огромни кредитни средства? За развој, инвестиции, или за зголемување на платите на бројната државна администрација и јавните служби, кои се повеќе штрајкуваат?“

„Владините претставници не даваат конкретен одговори на ова, освен оној со кој се укажува дека се живее најголемата економска криза, оти има недостиг на енергија, храна, има инфлација, а платите се мали… Сето тоа укажува дека стотиците милиони кредитни евра од ММФ ќе отидат за купување на социјален мир, за исплати на зголемени плати, за исплати на К-15 и други надоместоци. Без вложување во развој, реална економска поткрепа, без зголемување на индустриското производство, без зголемен БДП, сето тоа ќе предизвика спротивен ефект, по што состојбата пак ќе се враќа на рамништето на сегашната криза.“

„Властите премногу лесно не задолжуваат наместо потребните средства да се обезбедат преку штедење. Премиерот Димитар Ковачевски деновиве најави дека со претстојниот ребаланс на буџетот ќе се пренаменат околу 100 милиони евра. Владата треба да ги преиспита уште еднаш сите ставки, кај кои е можно кратење. Секој заштеден милион евра ќе значи помал долг, кој ќе треба да го враќаат следни генерации на македонски граѓани. Министрите тука не прават доволно.“

„Лесно е да се владее со огромни задолжувања, кои друг ќе ги враќа.“- заклучува „Скопско ехо“ во својот редакциски коментар.