Премиерот Димитар Ковачевски големото задолжување од 900 милиони евра што е најавено ореку Меѓународниот монетарен фонд го оправдува со избивањето на војната во Украина, нешто што не било предвидено во буџетот за 2022.
– Значи, прво буџетот за 2022 беше донесен во 2021 и во него е предвидено согласно законот, 545 милиони евра дефицит и 55 милиони евра депозити. Треба да се најдат 600 милиони евра. Не беше предоидена војната во Украина, која ја зголеми цената на енергенсите. Цената на електричната енергија е пет-шест пати зголемена во однос на нормалните цени, како и цената на гасот која сега е искачена на ниво од 2.000 долари. Тоа значеше дека мора да се донесе пакет антикризни мерки од 400 милиони евра, одговори Ковачевски на новинарско прашање по средбата со ЗЕЛС.
Премиерот е убеден дека ќе се заштедат 100 милиони евра со кратењето на трошоците во министерствата и очекува задолжувањето кај ММФ да биде „евтино“ со околу 1 отсто камата, што според Ковачевски во моментов е многу подобро отколку да се посегне по Еврообврзница.
– За дефицитната страна многу наскоро ќе излезе министерот за финансии со точни бројки и ќе ја објасни целокупната конструкција на задолжувањето. Ќе има посета од ММФ и ќе одлучат за одобрување на финансискиот иснтрумент врз основа на економските, монетарните и фискалните перформанси, рече тој.







