„Понудата на бугарскиот премиер Петков за ‘одложување’ на ветото е добро смислено сценарио за бугаризација на Македонија во поглавја.“ – вели Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Преку преговарачките глави Софија сака да нѐ обезглави“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
„Наместо вето серија рестриктивни мерки на Бугарија кон Македонија со отворање на поглавјата“
Таневски пишува: „Неодамнешните најави на бугарскиот премиер Кирил Петков дека Бугарија би можела да го помести ветото и во јуни да овозможи почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија наметнаа повеќе дилеми кај македонската јавност. Таа се прашува: дали станува збор за нов тактички маневар, со кој Софија на крајно перфиден начин се обидува заклучоците од асимилирачката и крајно неповолна декларација за Македонија, усвоена во бугарското народно Собрание, да ги вметне во преговарачката рамка на Македонија со Европската Унија?“
„Изјавата на Петков за ‘одложување’ на ветото е добро смислено сценарио, повеќе заради опипување на пулсот на Брисел и неговата можна подготвеност апсурдните бугарски условувања на Македонија да станат дел од официјалната европска преговарачка рамка за земјава. Може да се насети бугарската стапица: сега ‘одложување’“ на ветото како покажување на гест на ‘добра волја’, а потоа вметнување на сите точки од бугарската декларација во преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, сето тоа под надгледување на Брисел. Тоа значи долгорочно исполнување на бугарската национална стратегија од пред 100 и повеќе години со согласност на Европа, односно бугаризација на Македонија во поглавја.“
Познавачите на состојбите сметаат дека прифаќањето бугарските позиции да станат дел од преговарачката рамка би било погубно за Македонија. ‘Ако барањата на Бугарија влезат во преговарачката рамка, ќе станат дел од заедничката позиција на ЕУ, по што биде тешко да се игнорираат во текот на преговорите. Дури и да не влезат бугарските позиции во рамката, Бугарија има право да ги блокира отворањето и затворањето на секое поглавје, што значи дека маневарскиот простор за нашата влада е стеснет’ – вели поранешниот вицепремиер за европски прашања Васко Наумовски.“
„Дипломатот Драган Јањатов препознава стапица во понудата на Петков, во која Македонија не смее да упадне. ‘Тие можат во недоглед да ги одложуваат преговорите, постојано поставувајќи услови. Македонија треба да ја префрли топката во Брисел, тој нека се расправа со Бугарија, а не ние. Македонија треба да прекине сите преговори со Бугарија. Кога Бугарија ќе си го реши прашањето со ЕУ, тогаш ќе разговараме.’ – нагласува Јањатов.
„Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека Бугарија нема да го крене ветото во јуни. ‘Бугарија нема намера да го реши спорот со Македонија, бидејќи секој ден излегуваат со нови и нови небулозни барања. Не знам зошто македонските политичари воопшто се лажат дека нешто ќе се промени од бугарска страна кога нивната позиција е зацементирана. Ако ги внесеме Бугарите во Уставот, ќе излезат со други барања, еден куп барања и условувања на кои им нема крај.’ – истакнува Пекевски.“
Интернет-врска до целата анализа:





