„СОНК капитулираше! Разликата помеѓу првиот (10 отсто) и вториот (12 отсто) владин предлог за покачување на платите на наставниците изнесува нешто помалку од 500 денари. Ова е пораз за просветните работници! Ова е газење на достоинството“.
Вакви пораки напишани од професори, наставници, негуватели, масовно почнаа да се споделуваат на социјалните мрежи откако првиот човек на СОНК, Јаким Неделков, вчера соопшти дека начелно е постигнат договор со Владата за зголемување на платите од 12 проценти со јулската плата и дека децата најверојатно од утре ќе се вратат на училишните клупи. Сепак, главниот збор ќе го има Советот на СОНК кој вечерва треба да се консултира и да ги усогласи ставовите со членството, пренесе Плусинфо.
Доза на чудење се забележа и кај претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации, Марјан Ристески, кој рече дека лично очекувал СОНК да издржи појако.
– Јас очекував дека СОНК ќе издржи појако. Ако сега го прекине штрајкот, тогаш се поставува прашањето дали се исплатеше сето ова чекање? Требаше малку похрабро да настапат. Јавно кажувам дека не е добро протестот во образованието да се прекине за само тие 2 отсто разлика, тоа не е добро за работниците. Не би го обвинил само СОНК, туку и Владата кои треба посериозно да го сфатат штрајкот. И ние сме правеле протести и сме ги повикувале нашите членови да ги поддржат протестите што ги прават другите синдикати. Работниците се единствени – рече Ристески во гостувањето на „Утрински брифинг“.
Првиот човек на СОНК, Јаким Неделков, денеска е недостапен за изјава. Тој не одговори на повици и на СМС пораки на Плусинго во кои му го поставиле прашањето: „Што беше пресудно за СОНК да не прифати 10 отсто, а да прифати 12 отсто зголемување на платите?!“
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска се надева дека наставниците, професорите, воспитувачите и негувателите уште утре ќе се вратат на работните места и образовниот и згрижувачкиот процес ќе продолжи нормално.
– Се надевам дека сите оние коишто штрајкуваа ќе се вратат на своите работни места. Од утре ќе почнат да функционираат и училиштата и детските градинки нормално, децата ќе се вратат во градинките, учениците во училишта, родителите ќе се вратат на работните места, затоа што поради штрајкот тие мораа да земаат годишен одмор за да ги згрижат децата – изјави Тренчевска.
Штрајкот во основното и средното образование и во градинките почна на 11 април. СОНК бараше веднаш зголемување на платите за 18,4 проценти и усогласување на останатите плати со минималната плата. Владата првично предложи зголемување на платите од 10 проценти, но овој предлог не беше прифатен од страна на СОНК.





