„Политиката да биде подалеку од судството и да има час поскоро ветинг – проверка во судството. Ова е барањето на опозицијата, што според нив, го потврдува и ниската доверба на граѓаните во судството.“ – објави ТВ Клан Македонија по вчерашната емисија ‘Клан дебата“.
„Алијансата на Албанците бара ветинг-проверка во судството, Нухиу најавува реформи во судството преку стратегија за периодот 2023-2027“
ТВ Клан пишува: „Авзи Алиу од Алијансата на Албанците во дебатната емисија на ТВ Клан Македонија рече: ‘Ајде на почетокот да го исчистиме судството, заедно како позиција и опозиција да направиме закон за ветинг-проверка во судството и потоа тоа да го спроведеме.“
„Заменик-министерот за правда Агим Нухиу им се спротивстави на оценките на опозицијата во врска со политичките импликации врз судството. Според Нухиу, законите се согласно со Европската унија и правдата е иста за сите. ‘Сите закони како пакет реформи во правосудството говорат за сериозноста на оваа Влада за функционирање на Министерството за правда, бидејќи законите се усогласени со ЕУ. Секако дека работиме правдата да биде достапна за сите. Албанците не се виновни, што нема правда во државата, но има проблем со фазите на изградбата на државата.’ – кажа Нухиу.“
„Во вчерашната емисија ‘Клан дебата’ Алијансата на Албанците упати обвинувања на адреса на ДУИ, како што беше речено, поради тоа што судството е преполно со луѓе на ‘интегристите’ и оти сите извештаи говорат за ниската доверба на граѓаните во судството, која изнесува само 8 отсто.“
„Спротивставувајќи им се на обвинувањата на албанската опозиција, заменик-министерот Нухиу рече дека е изработен планот за стратегијата во периодот 2023-2027 година, со кој се предвидуваат реформи во судството и оти постојано се работи на процесите. Според Нухиу, Албанците кои водат неколку судови во Македонија не можат да бидат оцрнети, а акцијата на Алијансата на Албанците ја нарече обид за добивање политички поени.“ – објави ТВ Клан Македонија по вчерашната емисија „Клан дебата“, во која претставниците на опозициската Алијанса на Албанците и владејачката Демократска унија за интеграција ги судрија ставовите околу состојбата во македонското правосудство.





