Еврокомесарот Оливер Вархеи денес во Софија порача дека е екстремно разочаран што сѐ уште се разговара за прашањето кога Македонија ќе ги почне преговорите со Европската унија кое, како што рече, верувал дека било решено пред две години. Нагласувајќи дека за краток период е по вторпат во Софија, тој порача дека е подготвен да дојде толку колку што ќе биде потребно за да се реши прашањето до јуни, пренесува „Независен“.
„ЕУ нема ни време за губење ни интерес да се одложува првата меѓувладина конференција со двете земји“, порача најдиректно Вархеи. Тој ја повика Софија да има повеќе доверба во себе, во моќта на ЕУ и во трансформативната моќ на проширувањето.
„Сега сум овде во Софија и кога зборуваме за проширувањето, неизбежно е прашањето кога ќе ја имаме меѓувладината конференција, односно кога ќе почнеме да работиме на испорачување на членството“, рече Вархеи.
„Лекцијата од претходните години за Западниот Балкан е дека треба да го забрзаме процесот и, кога велам да забрзаме, не мислам институционално туку реално, на терен, за да се смени животот во регионот“, порача Вархеи.
И покрај таквите пораки, министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска пред средбата со Вархеи порача дека ќе му ја повтори на еврокомесарот истата позиција, дека вклучувањето на Бугарите во уставот на Македонија треба да се случи пред почетокот на преговорите за членство.







