„Регистрацијата на бугарскиот културен клуб со името ‘Ванчо Михајлов’ во Битола крена голема прашина во македонската јавност и повторно ја покажа старата практика во државата – сите да се прогласуваат за ненадлежни и да бегаат од одговорност.“ – вели Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Има ли држава со ненадлежни институции?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Таневски пишува: „Министерството за правда вели дека е ненадлежно и топката ја префрла врз Централниот регистар, Централниот регистар вели дека ниту тие не се надлежни, така што се поставува прашањето: дали институциите во државава имаат некаква надлежност и дали воопшто си ги знаат надлежностите или ненадлежноста се користи како изговор за да се избегне одговорност за настанатите пропусти?“
„Ова не е издвоен случај, туку хронична појава. Ненадлежност на институциите имаше и при пожарите, поплавите, болните луѓе заглавени во планина, бегствата на обвинети лица, дивоградбите, така што повеќе од очигледно е дека институциите во оваа држава надлежност имаат единствено кога имаат корист партиите и поединци во нив.“
„Ги губиме сите атрибути на држава. Кога треба да се земаат тендери, кога се користат некакви бенефиции, тогаш сите се надлежни. Кога е нешто сензитивно, тогаш одеднаш сите се ненадлежни и не можат ништо да кажат.’ – вели Синиша Пекевски, политички аналитичар.“
„Универзитетскиот професор Борче Давитковски проблемот со префрлањето или избегнување надлежност меѓу институциите го наоѓа во нивната партизираност и некомпетентност. ‘Кога во институциите има некомпетентни луѓе, тие не ја познаваат проблематика и полесно им е да се прогласат за ненадлежни. Имаме некоординирани и некомпетентни институции. Сè полошо и полошо ни се случува, а институционалниот одговор е никаков. Наместо пожарникарски возила купуваме луксузни службени возила и есцајзи. Никој не води сметка да ги превенира проблемите однапред, туку кога ќе настанат, сите се прогласуваат за ненадлежни.“ – констатира професорот Давитковски.“
Интернет-врска до целата анализа:
https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/ima-li-drzhava-so-nenadlezhni-institucii/





