„Промената на кодот на Македонија во НАТО, според новата одлука на Алијансата за шифрирање на земјите-членки и за партнерите, ја активира чувствителноста на македонската јавност за почитувањето на Преспанскиот договор од страна на меѓународните организации.“ – вели Јасминка Павловска во својата анализа со наслов „Акроним, кратенка или код: стоп за игрите со македонскиот народ!“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
„Несоодветното именување на нашата држава е чувствително прашање за македонската јавност“
Павловска пишува: „НАТО-кодот за името на нашата држава е сменет, па наместо МКД, сега стојат само две букви – НМ (NM). За оваа одлука наводно биле информирани и поранeшните министри на Министерството за одбрана, како и на Министерството за одбрана, Никола Димитров и Радмила Шекеринска. До пред неколку дена оваа информација не ѝ беше позната на јавноста. Новата одлука на НАТО пред неколку дена официјално е пристигната до македонските институции. Како што се вели во документот, Македонија во иднина треба да го користи скратеното име NM, како кратенка од North Macedonia.“
„Во документот се наведува дека листата со нови кодови е повеќе од техничка природа, кога ‘користењето на целосното име на државата е непрактично’. Но, кога станува збор за практикувањето на членството на Македонија во НАТО тоа е директно поврзано со почитувањето на Преспанскиот договор, со кој е регулирано и користењето на кодовите на земјата во меѓународна употреба, дури и кога се работи за ‘технички и практични ситуации’. Особено што Преспанскиот договор со Грција беше првенствено наменет за да го овозможи пристапувањето на Македонија во НАТО.
Во Преспанскиот договор се наведува дека кодот за земјата на регистарските таблички на возилата на Втората страна ќе биде НМ или НМК. За сите други намени, кодот на земјата останува да биде МК и МКД, како што е официјално определено од Меѓународната организација на стандардизација (ИСО).“
„Во македонската јавност е создадена недоумица зошто никој од Македонија не реагирал на промената на кодот, кој не е во согласност со Преспанскиот договор. ‘Државниот врв е незаинтересиран за заштита на она малку што ни остана од националниот идентитет пред меѓународните организации. Ги имаме сите инструменти за реакција, како на пример ветото. Македонија има право да реагира со несогласување. Ваквите навидум банални постапки на НАТО, како менување на кодовите, може да се одразат како политички тенденциозна грешка на Алијансата, што би одела во прилог на расположението против НАТО во Македонија – вели Оливер Андонов, универзитетски професор на Воената академија.“
Интернет-врска до целата анализа:





