Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини предупредува дека 900-те милиони долари што се бараат од Меѓународниот монетарен фонд се со стриктна намена:
„Овие пари се за платниот промет, затоа што сме во тешка ситуација. За гаснење пожар, за обезбедување ликвидност и тие одат на државната сметка за платниот биланс преку Народната банка. Овие средства се користат за плаќање достасани обврски за претпазливост, да не дојде до колапс и неликвидност, не за развој. Тоа не се средства кои решаваат долгорочни проблеми, туку треба да обезбедат ликвидност, ако стасаат одредени обврски, а имате проблем со пари“, објаснува Хајредини во изјава за „Дојче веле“.
Парите кои би се добиле по овој основ, според него, никако нема да можат да се трошат за други кредити, или за повисоки плати или пензии:
„Кога дава ММФ пари, тоа носи и поголема контрола за да не дојде до целосен колапс. Но, се знае дека тие пари одат за стриктна намена, за враќање кредити, за доспеани обврски, но никако како кредитни линии за никого, не за плати, не за пензии“.
Јаредини критикува за популизам и додава:
„Иако знаат претставниците на Владата за сите овие работи и феномени, пред јавноста ги презентираат како популисти, дека ‘Еве, земаме кредит со 1% камата’.
Но треба да се знае дека штом ММФ ти дава пари за ликвидност и претпазливост, сѐ е јасно “, вели екс-министерот за финасии.






