Коментирајќи ја изјавата на бугарскиот премиер Кирил Петков, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека целта на Бугарија е асимилација или бугаризација на Македонија и македонскиот народ пред влезот во ЕУ.
„Па ако прецизно ја читате таа изјава од Кирил Петков ќе видите дека тоа што тој го зборува го зборуваме веќе ние како ВМРО-ДПМНЕ и јас лично месеци наназад, а тоа е дека нашите билатерални проблеми и сите оние барања што ги има официјална Софија ќе влезат во преговарачката рамка, што значи дека или ќе се асимилираме односно ќе се бугаризираме и како такви ќе влеземе во Европската Унија, или нема за нас Европска Унија и покрај тоа што ќе се случи таа прва меѓувладина конференција“, вели Мицкоски.
Од СДСМ велат дека Мицкоски наместо да застане зад државните интереси, тој и на верски празник шири невистини, неосновано ја плаши јавноста, со што ги поткопува државните позиции.
Инаку, Бугарија бара внесување на Бугарите во македонскиот Устав, но тоа не е се, имаат и други барања за спомениците и учебниците.





