Украина преговара со Западот за користење на замрзнатите руски резерви

Премиерот на Украина Денис Шмихал изјави дека украинските власти преговараат со САД и другите западни земји за користење на рускиот имот што Западот го замрзна.



Шмихал за американскиот Си-Би-Ес вели дека задача и цел на преговорите е да се најде решение како да се искористат замрзнатите средства на Русија за финансирање на обновата на Украина.

Стејт департментот и Белата куќа во саботата соопштија дека Шмихал се сретнал со државниот секретар Ентони Блинкен и американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан во Вашингтон за да разговараат за американската помош за неговата земја и за континуираниот притисок врз Русија.

Западните земји кои воведоа остри санкции кон Русија по нападот на Украина, ги замрзнаа и девизните резерви на земјата.

Гувернерката на руската централна банка, Елвира Набијулина, претходно најави дека Москва подготвува тужби за да го оспори замрзнувањето на девизните резерви на земјата.