Арсова: „Пописот ни е само камен околу вратот – не е основа за никакви проекции, за никакви развојни програми“

„Основната цел на пописот е да се утврди бројот на населението и територијална распределеност, да се добијат податоци за виталните, образовните, економските, етничките,миграциските и другите белези на населението. Не чувме нешто за овие белези на населението, освен за етничката и верската припадност. За да чуеме треба некој сериозно да се грижи за опстанокот. Развој не ни споменувам.“ – вели Габриела Арсова во својата колумна со наслов „Попис имавме, а ќе имаме ли и анализи и проекции?“, која ја објави весникот „Скопско ехо“.

Арсова пишува: „Други анализи на податоците од пописот и не чувме. Не не интересираат или подобро е да не се коментираат?! Не се ни допреа, ниту се допираат темите, кои се исклучително важни и кои би требало да се основен интерес и суштина на анализата на податоците од пописот.“

„Пописот е основа за процена на бројот и движењето на населението во меѓупописниот период, како и за долгорочни проекции на бројот на населението во иднина. Да се споредиме со Африка. Еве со Гана на пример. Факт е дека имаме сличен сооднос 50,4 отсто жени и 49,6 мажи. И толку. За се друго реално сме катастрофа. За 20 години сме се намалиле за 9,2 отсто. Каде е наталитетот овие 20 години, колкав е морталитетот? Настрана мигрирањето.“

„Проекции за следните 5 или 10 години? Проекции за после деценија? Никакви. Пописот не е база за никакви проекции, за никакви развојни програми, туку е само камен околу вратот.“ – пишува Арсова во својата колумна, покрај другото.